05/02/2026
Проектот „Идејна виртуелна реконструкција на Маркови кули – Водно, Скопје“ претставува значајна културна и едукативна иницијатива насочена кон современа интерпретација, заштита и промоција на едно од најзначајните археолошки и историски обележја на градот Скопје. Преку примена на дигитални технологии и виртуелна реконструкција, проектот овозможува нов пристап кон разбирање на историскиот развој, архитектонските карактеристики и културното значење на локалитетот Маркови кули.
Целта на проектот е да се придонесе кон оживување на културното наследство, негово доближување до пошироката јавност, како и негова афирмација во образовен, туристички и културен контекст. Виртуелната реконструкција овозможува визуелна презентација која ги надминува ограничувањата на физичката состојба на локалитетот и создава можност за интерактивно и информативно доживување, особено значајно за младите, истражувачите и посетителите на градот.
Промоцијата на проектот има за цел да ја информира јавноста и релевантните институции за значењето и потенцијалот на оваа иницијатива, како и да поттикне понатамошна соработка во областа на дигитализацијата и заштитата на културното наследство. Одржувањето на настанот во просториите на Советот на Град Скопје ја нагласува важноста на проектот за градот и неговата културна политика, како и поддршката на иновативни и национално значајни културни проекти.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и е избран за проект од национален интерес во културата за 2025 година. Автори на проектот се: м-р Кирил Денковски, проф. д-р Антонио Јакимовски и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, Претседател на Здружението Европа за тебе Скопје.
Промоцијата на проектот од национален интерес на културата за 2025 година "Идејна виртуелна реконструкција на Маркови Кули - Водно", се одржа на 22.12.2025 година во Големата сала на Советот на Град Скопје.
На Промоцијата со поздравен говор се обрати проф. д-р Даме Димитровски, Претседател на Советот на Град Скопје.