27/05/2026
🫷Граѓанските организации, апелираат до сите пратеници да не ги поддржат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кои од законското решение се бришат граѓанските организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст како јасно препознаени организации што можат да добиваат средства за работа со ранливи категории.
ℹ️Со децении, граѓанските организации обезбедуваат директна поддршка за лица со попреченост, жртви на семејно и родово базирано насилство, стари и изнемоштени лица, деца, млади, жени, Роми и други лица и заедници во ранлива положба. Тие работат на терен, во заедниците, во советувалишта, дневни центри, шелтер-центри и други услуги каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поддршка.
❓Со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, без гаранција дека ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, стручност, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните.
🗣 Демократските држави не го исклучуваат граѓанското општество од системот. Напротив, тие го препознаваат како партнер, коректив и носител на услуги за граѓаните. Европскиот пат на Северна Македонија подразбира транспарентност, јавна расправа, учество на граѓаните во креирањето политики и заштита на независното граѓанско дејствување.
👂Пратениците имаат одговорност не само да гласаат за законски текстови, туку и да ја заштитат демократијата, јавниот интерес и правата на граѓаните кои најмногу зависат од поддршка.