26/10/2026
Посета на Универзитетот Памуккале во Денизли, Турција 🇹🇷
Денес, нашиот тим имаше чест да биде поканет во посета на Универзитетот Памуккале (Pamukkale University) во Денизли, Република Турција, каде што се реализираа активности насочени кон академска соработка, меѓународна размена и креативна работа.
Во рамки на посетата, беше остварена средба со претставници на Еразмус канцеларијата на која се разговараше за можностите за меѓуинституционална соработка, мобилност на студенти и наставен кадар, како и за идни заеднички активности во рамките на програмата Еразмус+.
Посебен акцент беше ставен на креативниот дел од посетата, при што на Факултетот за ликовни уметности беше реализирана работилница за цртање и ликовно изразување на текстилен материјал. Преку практична работа, размена на идеи и креативни пристапи, учесниците имаа можност да ги споделат своите искуства и да ги продлабочат меѓусебните професионални и уметнички контакти.
Универзитетот Памуккале е основан во 1992 година и претставува значајна високообразовна и научноистражувачка институција во Турција. Според официјалните информации на Универзитетот, на него студираат повеќе од 43.000 студенти, а институцијата располага со 19 активни факултети, 17 стручни високообразовни училишта, 6 институти и Школа за странски јазици. Универзитетот нуди широк спектар на студиски програми од областа на науката, инженерството, медицината, образованието, уметноста, туризмот и општествените науки.
Посетата претставува уште еден значаен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка, размена на знаења и искуства и создавање нови можности за студентите и академската заедница.
Благодарност до Универзитетот Памуккале за поканата, гостопримството и можноста за реализација на овие значајни активности!