24/09/2026
Новата академска година започна со лоша вест за студентите кои секојдневно патуваат до факултет. Приватните компании за превоз ја искористуваат неспособноста на државата за да се збогатат на грбот на студентите. Од 1 септември, билетите на некои од линиите што ги користат најмногу студенти поскапеа и до 25%.
❗️На линијата Тетово–Скопје, билетот во еден правец поскапе од 200 на 250 денари, што значи 500 денари дневно за повратно патување, додека месечниот билет поскапе од 5.500 на 6.500 денари. На линијата Куманово–Скопје, билетот во еден правец поскапе од 170 на 200 денари, а месечниот билет чини 6.000 денари. Од Гостивар до Скопје, месечниот билет поскапе од 7.000 на 8.000 денари.
Државната стипендија од 6.050 денари не ја добиваат сите студенти. Но, и на оние што ја добиваат, сепак не им стигнува за месечен билет. Студентите од Гостивар треба да доплатат уште речиси 2.000 денари. За деветте месеци од академската година, речиси 60 илјади денари од џебот на студентите ќе одат само за меѓуградски превоз, не сметајќи ги градскиот превоз, храната, материјалите и киријата.
Во Словенија, студентот плаќа од 25 до 55 евра месечно за субвенциониран меѓуградски превоз. Во Германија, со околу 38 евра месечно, студентот патува со регионалниот превоз низ целата држава. Во Северна Македонија, студентот плаќа над 105 евра месечно за само една линија. Од Гостивар, околу 130 евра.
Само на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ студираат над 11 илјади студенти кои не се од Скопје. За нив, секое поскапување го отвора прашањето дали ќе им издржи џебот да продолжат со студиите и редовно да ги посетуваат предавањата, или ќе ги напуштат студиите. Секое поскапување ја продлабочува нееднаквоста меѓу младите од големите градови и оние од малите општини и руралните средини.
Битката со алчните олигарси студентите ја водат сами, додека надлежните институции стојат како набљудувачи и релативизираат. Оправдувањето на Министерството за економија и труд дека не може да интервенира поради „слободниот пазар“ не држи вода.
Никој не бара државата да им ги одредува цените на приватните компании, ниту да ги замрзнува. Ние бараме државата да ги поддржи студентите. Начини има многу. Слободниот пазар не ја спречува социјалната политика, напротив, ја прави неопходна.
Еден од нив го предложивме ние уште кон крајот на 2024 година, а тоа е шема за субвенциониран превоз на студентите. Предлогот го подготвија младите од програмата CreActive Academy, инспирирани од европските модели.
Нашиот предлог предвидува два субвенционирани билета за редовните студенти кои студираат во општина различна од онаа во која живеат. Првиот е билет со 10 патувања месечно за 1.100 денари (18 евра). Вториот е неограничен месечен билет за секоја меѓуградска линија во земјата и кај секој превозник, за 2.150 денари (35 евра). Државата ја покрива разликата меѓу студентската и реалната цена, а превозниците остануваат финансиски одржливи. Слободниот пазар не се нарушува. Проценетиот трошок изнесува од 9 до 10 милиони евра годишно од државниот буџет.
НАШИТЕ БАРАЊА
🟢Шемата за субвенциониран студентски превоз да се вклучи во Буџетот за 2027 година, кој во моментов се подготвува.
🟢За академската 2026/2027 година, веднаш да се донесе преодна мерка што ќе го надомести барем последното поскапување на месечните билети за студентите кои патуваат меѓу општините.
🟢Да се врати финансиската поддршка за студентите кои живеат надвор од местото на студирање.
Да се објават критериумите и податоците врз основа на кои се одобруваат тарифите на меѓуградските линии.
🟢Надлежните министерства да започнат официјален дијалог со студентските и младинските организации за изработка на шемата, тргнувајќи од предлогот што веќе постои.