04/07/2026
Стотици нелегални депонии во Англија, а криминални групи заработуваат милиони од отпадот.
Нелегални депонии и натаму функционираат низ Англија, а меѓу нив има најмалку 11 огромни локации на кои се натрупани десетици илјади тони отпад, покажува истражување на Би-Би-Си.
Иако во текот на 2024/2025 година биле затворени повеќе од 700 нелегални депонии, податоците на Агенцијата за животна средина откриваат дека на крајот од минатата година сè уште биле активни 517 диви депонии.
Најголемата нелегална депонија се наоѓа во Чешир и содржи околу 280.000 тони отпад. Големи количини отпад има и на локации во Ланкашир, Корнвол, Кент, Норфолк и Оксфордшир.
Повеќето депонии се сместени во рурални подрачја, најчесто на земјоделско земјиште, каде што отпадот е скриен од очите на јавноста.
Според полицијата, зад голем дел од овие активности стојат организирани криминални групи кои заработуваат така што нудат многу поевтино нелегално депонирање во споредба со лиценцираните оператори. Компаниите кои легално го отстрануваат отпадот плаќаат високи надоместоци и данок за депонирање, што ги прави нелегалните услуги привлечни за дел од клиентите.
Жителите и еколошките организации предупредуваат дека и покрај тоа што во многу случаи сторителите се идентификувани и процесуирани, огромен број депонии остануваат неисчистени.
Еден од најзагрижувачките примери е локацијата во Глостершир, каде што се исфрлени десетици илјади тони отпад. Очевидци сведочат дека во периодот кога активностите биле најинтензивни, дневно пристигнувале меѓу 30 и 50 камиони.
Во јуни 2025 година на депонијата избувнал голем пожар, по што активностите значително се намалиле, но локацијата и натаму не е целосно затворена. Пожари таму избувнуваат често, а густ чад редовно се издига од купиштата отпад.
Локалните жители предупредуваат дека загадувањето веќе ги зафаќа околните водотеци и природата, додека чадот, непријатната миризба и бучавата сериозно го нарушуваат квалитетот на животот.
Претседателот на локалниот совет, Чарли Коутс, вели дека депонијата претставува „огромна дамка во пејзажот“, додавајќи дека загадувачките материи се излеваат кон реката Лидон, која се влева во реката Северн.
„Имаше миризба, чад, бучава, уништена вегетација и дрвја. Загадувањето веќе стигнува до водните текови, а неколкупати интервенираше и противпожарната служба поради самозапалување на отпадот“, изјавил Коутс.
Би-Би-Си наведува дека голем дел од нелегалните депонии се поврзани со организиран криминал. На ваквите рурални локации се носат машини за дробење отпад, по што со десетици камиони пристигнува градежен шут, земја и комунален отпад, кој потоа се преработува и нелегално се закопува или складира.
Во неодамнешна полициска акција во Херефордшир, Шропшир и Ворчестершир биле запленети речиси 100.000 фунти во готовина, уапсени две лица, а полицијата пронашла и шест парчиња огнено оружје, сомнителна фалсификувана електроника и возило за кое постои сомнеж дека е украдено.
Жители кои живеат во близина на една од локациите сведочат дека чадот и непријатната миризба се секојдневие.
„Имало денови кога во лето не им дозволувавме на децата да излезат надвор поради миризбата и испарувањата. Знаеме дека кај осомничените е пронајдено оружје и се плашиме од одмазда“, изјавил еден жител кој побарал да остане анонимен.
Полицијата признава дека борбата против ваквиот криминал е долгорочен процес, бидејќи истрагите се поврзани и со перење пари и други финансиски криминални активности.
Податоците добиени од Би-Би-Си покажуваат дека во Англија има најмалку 11 нелегални депонии со повеќе од 20.000 тони отпад, а властите признаваат дека вистинската бројка најверојатно е уште поголема.
Од Агенцијата за животна средина велат дека во текот на минатата година биле запрени активности на 743 нелегални депонии, но предупредуваат дека додека едни се затвораат, постојано се појавуваат нови.
Од британската влада најавуваат засилени инспекции, повеќе инспектори, дополнително финансирање за борба против еколошкиот криминал и построги казни за сите што незаконски депонираат отпад.