03/11/2026
КОМПИР НА ПЕТАТА
Во џамија, пред мене, клањаше еден човек кој имаше искинати чорапи.
Ги забележав. И, признавам, ми падна жал, но истовремено почувствував и негодување. Си помислив: како човек кој е верски освестен, кој ја знае вредноста на уредноста и убавината во верата, може да дојде во џамија со такви чорапи? Не е сиромашен, го познавам, не е дека не може да си дозволи нови.
Решив тој ден да напишам нешто за тоа. За уредноста, односот кон себеси, кон џамијата и кон верата.
Се вратив дома, ги соблекувам чорапите, кога… компир на петата! Дупка со големина на џамлија. Некаде сум ги скинал, а воопшто не сум ни забележал.
Додека јас ги гледав неговите чорапи, некој, веројатно, ги гледал моите. И можеби за мене го помислил токму она што јас го помислив за него.
Колку е лесно да го забележиме недостатокот кај другиот, а колку е тешко да го забележиме сопствениот.
Често мислиме дека ги гледаме другите, а всушност Аллах преку другите ни покажува какви сме самите. Туѓата мана понекогаш ни доаѓа како огледало, но ние во него најпрво го гледаме ликот на другиот.
Затоа, можеби една од најтешките форми на верска свесност е човекот, пред да почне да го поправа светот околу себе, да научи најпрво да се погледне себеси.
Не е проблемот да имаш искинат чорап. Проблемот е да имаш искинато срце кон другите, а беспрекорна слика за себеси.