26/06/2026
🌿 Во Битола се одржа тркалезна маса „Локални мерки за заштита на животната средина во Битола: предизвици и следни чекори“, организирана од Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ - Битола, во рамки на проектот „Зајакнување на локалната отчетност преку граѓански мониторинг во Битола и Кичево“.
Настанот ги обедини претставниците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, граѓанскиот сектор и јавноста со цел да се отвори конструктивна дебата за спроведувањето на локалните политики за заштита на животната средина.
Во фокусот на дискусијата беа две значајни мерки од Програмата за животна средина на Општина Битола: изработка на Стратегија за развој на урбаното зеленило и поставувањетна подземни садови за отпад, како политики кои имаат директно влијание врз квалитетот на урбаниот простор и животната средина.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, информираше дека Општината е во фаза на подготовка на техничка спецификација за јавна набавка за избор на изработувач на Стратегијата за развој на зеленилото, истакнувајќи дека овој документ ќе биде основа за планирањето и унапредувањето на системот на зеленило во градот. Тој се осврна и на значењето на Зелениот катастар како современ систем за евиденција и мониторинг на урбаното зеленило.
На тркалезната маса учествуваа и директорот на ЈП „Комуналец“ - Битола, Горан Степановски, претставникот на Здружението „Геосфера“ - Битола, Тони Гештаковски, претседателката на Организацијата на жени на Општина Битола, Светлана Петковска, како и проектниот монитор Целе Јолевски, кој ги презентираше чекорите за мониторирање на спроведувањето на општинската програма.
Настанот го модерираше претседателот на ИНТЕРАКТИВ - Битола, Мартин Николовски.
Преку вакви јавни дебати се поттикнува поголема транспарентност, отчетност и соработка помеѓу институциите и граѓанскиот сектор, со заедничка цел за создавање поздрава, позелена и поодржлива локална заедница.
Тркалезната маса „Локални мерки за заштита на животната средина во Битола: предизвици и следни чекори“ е активност во рамките на швајцарскиот проект Програма за поддршка на изборите имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината и мислењата на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваатставовите на Владата на Швајцарија и наМеѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).