Здружението за локална демократија ЦЕНТАР НА ЗАЕДНИЦАТА НА ОПШТИНА СТРУМИЦА – Струмица се формираше во октомври 2016 г. како правен наследник на Центарот на заедницата на општина Струмица. Центарот на заедницата на општина Струмица во рамките на Концептот „Општина по мерка на граѓаните“ е формиран во октомври 2014 г. Целта на Концептот и функционирањето на Центарот беше да се придонесе за активно
вклучување на граѓаните во подготовката и носењето на локалните политики и во обезбедувањето квалитетни општински услуги.
Центарот на заедницата на општина Струмица е регистрирано како доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани формиранo со слободно здружување на граѓаните заради подобрување на локалните политики преку засилено вклучување на граѓаните и граѓанските организации во процесот на донесување на локалните политики и одлуки.
ВИЗИЈА:
Центарот на заедницата на општина Струмица е водечка организација која партиципативно ги вклучува граѓаните и граѓанските организации во процесот на донесување локални политики и е препознатлив партнер на локалните граѓански организации за претставување пред домашни и странски донатори.
Центарот обезбедува:
1. Правна и административна помош за граѓаните;
2. Неформално образование за младите и возрасните;
3. Поддршка на младински, граѓански и културни иницијативи.
Главни активности:
- Релизација на соодветните активности на Општина Струмица поврзани со граѓанскиот сектор на локално ниво, а посебно во активности поврзани со планирање и промоција на проектите предвидени во акциските планови на локалните стратегии за млади, образование, социјална заштита, соработка со граѓанскиот сектор и култура;
- Стручна и советодавна помош и поддршка на локалните здруженија на граѓани и поединци при аплицирањето на соодветни повици за доделување на финасиска поддршка од страна на Општина Струмица;
- Инфо-денови и редовни средби за запознавање на граѓанските организации со отворени повици, нивно разгледување, заедничко аплицирање, заедничка реализација и поддршка на проектни/програмски активности;
- Организирање и испорачување обуки и консултации за граѓански организации;
- Поддршка на граѓански, младински и културни иницијативи;
- Организирање отворени денови и редовни средби на граѓаните и членовите на Советот на општина Струмица;
- Организирање трибини, дебати, форуми, тркалезни маси, кампањи, јавни расправи и средби за поттикнување на локалната демократија;
- Организирање на форуми на заедницата: проектни и буџетски форуми;
- Лобирање кај надлежните институции и
- Други активности за унапредување на партиципативната демократија, транспарентност и отчетност.