25/10/2025
На изложбата ЛИЦА, дел од проектот „Несовршен простор 8“ во галеријата Метаноја во Скопје беше доделена наградата „Владимир Георгиевски“ на уметницата Мартина Спасовска.
Овогодинешното жири за наградата беа: Андреј Митевски - скулптор, Јасмина Котевска - историчарка на уметноста и претставникот на фамилијата Георгиевски, Фросина Георгиевска. Покрај традиционалната награда „Златен лист“, се доделува и парична награда од Здружението за култура Транзен.
Коста Милков, рецензентот на изложбата ќе напише за делото на Мартина: - „А што носи животот? На сликата „Unus Ex Vobis“ Мартина Спасовска како да се обидува да го одгатне тоа најтешко прашање. Директниот поглед со смелите очи полни пркос, се во контраст со „трепетот“ на кревкото лице. Толку многу на него укажува на ранливост. Сеедно погледот на младата жена не отстапува и бескомпромисно објавува, „ете ме, тука сум“. Насловот на латински „Unus Ex Vobis“ е интересна „коинциденција“. Во буквален превод тоа значи „Еден од вас“, а во латинскиот превод на евангелието според Јован 13:21 оваа фраза е кажана од Исус кога им вели на учениците, „Еден од вас ќе ме предаде“. Според Христијанското предание, Исус се отелотворува во општа човечка природа и тој се поистоветува со сето човештво. Но тој особено со поистоветува со отфрлените, со обесправените и со подјармените. Името на овој женски портрет може да има двојно комплементарно значење: „Јас сум една од многуте обесправени жени во светот“, и „еден од вас ме предаде“. Портретот и насловот го соголуваат срцето на секој набљудувач кој мора да си го постави прашањето како Исусовите ученици, „да не сум јас?“
Учесници на изложбата се авторите: Ниче Василев, Сергеј Андреевски, Томе Мишев, Синиша Новески, Ване Костуранов, Тони Попов, Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Стефан Младеновски, Мартина Спасовска, Никола Тренов и Игор Мишев.
Изложбата се реализира во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и туризам Министерство за култура / Ministria e Kulturës во соработка со Метаноја галерија - Metanoja Gallery и фамилијата Георгиевски.