13/05/2026
„Современи алатки за документирање и презентирање на културното наследство во археологијата“ е насловен настанот што ќе се одржи утре во 18 часот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје. Настанот е отворен за студенти, истражувачи, професионалци од областа на културното наследство, како и за сите заинтересирани за современите технологии и нивната примена во археологијата. Презентацијата е во рамките на Еразмус + проектот DigiArcheoSpace и е посветен на современите дигитални технологии во археологијата и културното наследство, како и на новите образовни модели што овозможуваат пофлексибилно и практично стекнување компетенции во областа на дигиталната археологија.
Во рамки на програмата, координаторката на проектот за Македонија, проф. д-р Ирена Теодора Весевска од Филозофски факултет во Скопје, ќе го претстави проектот, неговите цели, партнерства, микро-квалификации, едукативни модули и резултати. Посебен акцент ќе биде ставен на LMS платформата и современите пристапи во дигиталното образование во археологијата.