22/01/2026
ВРЕМЕ Е ЗА ПРОТЕСТИ, ВРЕМЕ Е ЗА УЛИЦА, ВРЕМЕ Е ЗА РАБОТНИЧКА БОРБА ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ
На 28 јануари, во 17 ч. ПРОТЕСТ од пред Работнички дом до Собранието, Стопанската комора и Влада
На денешната седница одржана на 21.01.2025 година на Советот и на Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија во проширен состав на кој учествуваа огромен број на синдикални активисти едногласно беше донесена Одлука дека на 28 јануари, среда со почеток во 17 часот излегуваме на улица.
Време е да се избориме за достоинствени плати заедно со работниците и за таа цел ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, ги повикуваме сите работници кои се чудат како да го врзат крајот со крајот на овој месец, ги повикуваме сите работници кои ги лажеле нивните газди и менаџери, директори,функционери,премиери,министри итн дека ќе им ги зголемат платите, а не им го сториле тоа да ни се приклучат.
До 31.12.2025 година не се договорија да ги зголемат работничките плати и да го направат работничкиот стандард подобар, туку со потсмев им укажуваа на работниците да седнат со газдите и да се договорат за зголемување на платите.
Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштијата е 31.200 во Македонија, а 33% од 540 илјади работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата или одат на работа, а се сиромашни, затоа што овие што не сакаат да се договорат во името на работниците и да ги зголемат работничките плати сметаат дека работниците треба да ги држат во сиромаштија и во заложништво за да им бидат послушни, покорни, да ги поддржуваат и да ги манипулираат.
Ги повикуваме работниците затоа што сега е шансата да покажат на сите дека не им треба само на неколкумина зголемување на работничката плата. На секој еден работник му е потребно зголемување на платата и тоа не за 25 евра онолку колку што четири месеци се фалат функционерите дека ќе ги усогласат работничките плати, не денес, со платата во месец март, која не можеме да си дозволиме да ја чекаме, а наспроти тоа да молчат и да се кријат затоа што нивните плати ќе се зголемат помеѓу 200 и 300 евра, ако имаме во предвид дека една функционерска плата е започнува од 90.000 денари до 180.000 денари.
На нив не им е грижа, другари -работници за вас, нив им е грижа само за себе и за нивните 78% зголемени плати и дополнително за 10% зголемени плати од платата за месец февруари, грижа им е да излезете на гласање да заокружите и да им го дадете таквиот луксуз, а затоа што сте им го дале, тие за вас да не сторат апсолутно ништо.
Во 2025 година, ССМ беше единствениот синдикат кој беше на улица и протестираше за зголемување на платите.
Денес ја бараме поддршката на секој еден работник, секој еден кој смета дека не треба да седи дома удобно во неговата фотелја на топло.
Бараме да ни се придружи секој еден работник на 28 јануари во 17 часот затоа што седејќи дома дава поддршка на политиката на ниски плати, на мизерни примања и на тежок работнички живот.
Затоа што другите сметаат дека на таков начин вие ги поддржувате нив, затоа што другите сметаат дека вас не ви треба зголемување на вашата плата, затоа што другите сметаат дека нема потреба да носат одлуки во интерес на 540 илјади работници наспроти 1080 функционери избрани и именувани.
Време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права, време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките платите, време е работниците да сфатат дека се сами оставени и дека еден работник не може да промени многу, но заедно можеме да промениме се.
Уште еднаш да ја искористиме приликата која медиумите ни ја даваат да побараме поддршка и работниците сами да се повикаат на протестот, да побараме работниците да дојдат на протестот затоа што само на таков начин ќе им укажеме и на газдите меѓутоа и на избраните и на именуваните дека не се живее добро во македонија затоа што имаме најниска минимална плата, затоа што имаме најниска просечна плата, затоа што 200.000 илјади работници работат, а се сиромашни и примаат плата под 30.000 денари затоа што платите на колешките и колегите во регионот онаму каде што владите водат грижа, ги зголемуваат и се зголемени од почетокот на оваа година од месец јануари.
Време е повеќе никој да не го молиме за зголемување на нашите плати, нашите плати сме ги изработиле, ги заслужуваме и сметаме дека е потребно да бидат зголемени.
Работниците кажаа и во анкетата на ССМ дека даваат поддршка на следните чекори кои ќе ги преземаме ова е само првиот чекор од низата чекори кои ќе ги преземаме во наредниот период, а кои ќе значат дополнителни протести, дополнителни блокади, генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, а доколку немаат слух, ќе им собереме и 10,000 потписи, ќе станеме овластен предлагач на законите, ќе побараме намалување на функционерските плати за 78% и ќе побараме зголемување на работничките плати за 600 евра минимална плата и за разликата од зголемување на сите останати плати на сите работници и ќе им покажеме дека работниците во државата, работниците во Македонија имаат моќ, а моќта е во нивното единство изразено преку револтот наредниот период на улица затоа што ние ја имаме моќта само на бројноста, тие имаат моќта на политичките партии или политичката моќ, а газдите ја имаат моќта на капиталот.
На прашањето од каде ќе започне протестот и како ќе се одвива, Претседателот Слободан Трендафилов изјави дека: “Протестот започнува како и секогаш од пред Работничкиот дом, ќе го изразиме револтот пред пратениците кои повеќе од една година го чуваат предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија во фиока, а сведоци сме дека без социјален дијалог се менуваа закони поврзани со работничките права на брза лента со европско знаменце и ќе побараме тоа да го сторат веднаш и за зголемување на работничките плати преку зголемувањето на минималната плата немаме повеќе што да ги молиме и што да им кажуваме. Потоа продолжуваме пред Стопанската комора пред газдите кои ни иселија членови на нашите семејства во изминатите 36 години, пред оние кои се најголемите виновници за тоа што од Македонија заминуваат цели семејства, а не само работници на печалба да им кажеме дека е доста и дека тоа што им го прават на работниците и тоа што душата им ја вадат за да возат еден џип повеќе и да имаат еден стан повеќе и една вила повеќе веќе не е човечки. Протестот ќе го завршиме пред Владата која година ипол ги изми рацете од работниците, Влада која на работниците им кажа да си седнат и да си се договорат, а таа ќе го поддржи таквиот договор и истата Влада која ги напаѓа работниците изминатата година само за да не им ги зголеми работничките плати, истата Влада која не помогна на работниците затоа што не ја зголеми минималната плата, истата Влада која води најсиромашни работници во Европа и најсиромашна држава во Европа како што кажа Претседателот на Владата.
Работниците ќе го изразат револтот на таквиот начин затоа што веќе во нашите семејства сите имаме по некој заминат во странство за да заработи корка леб. Сите Влади, 36 години си играат со работничката мака и со работничката судбина и сите газди го прават истото. Ние во оваа година не видовме драстично зголемување на работничките плати, а само во месец јануари се зголеми вредноста на синдикалната минимална кошница и од овој месец, по илјада денари едно семејство е по сиромашно.
Веќе дури и зголемувањето на пензиите инфлацијата го надмина само со јануарската вредност на синдикалната кошница. Веќе и тие 1500 денари кои ни ги ветуваат од месец март како усогласување на минималната плата 2/3 се потрошени,а ги немаме.
Затоа, работниците како што правиме секогаш ќе го изразат револтот од Работничкиот дом во 17 часот на 28 среда и продолжуваме пред Собранието, пред Стопанската комора пред работодавачите и организација на работодавачи и завршуваме пред Влада.”
На прашањето што понатаму, односно после протестот во среда, Претседателот Трендафилов изјави: “Во среда излегуваме на улица да го изразиме работничкото незадоволство, а потоа продолжуваме со таргетирани блокади на одредени институции, на одредени локации за да се почувствуваат и тие како и ние, не блокираат цела година ќе ги блокираме и ние нив, а потоа продолжуваме со генерален штрајк во целиот јавен и приватен сектор и во Македонија како што најчесто милуваат да ни кажат, синдикатите ќе ги повикаат сите работници да им се придружат на 24-часовен генерален штрајк, секој ќе биде заштитен од отказ, секој ќе има можност тој ден да не работи, секој ќе има можност тој ден да биде на улица, секој сам ќе бира дали ќе протестира.”
А на прашањето, дека до среда има време и што ако синдикатите бидат повикани на разговор од страна на Владата, тој одговори дека: “Денеска можат да ја зголемат минималната плата на 600 евра, да ги зголемат сите други работнички плати за разликата од зголемувањето на минималната плата и можат да го направат да изберат тоа денеска, но нема да го направат тоа ниту до среда ниту ќе не повикаат на разговор, а ако некој смета дека само треба да седиме, да разговараме, ние тоа го правиме цела 2025 година, но кога ќе седнат на масата ни кажуваат дека треба синдикатите да се договорат со работодавачите. Се додека не ги зголемат работничките плати на работниците и се додека слушаме само ветувања и само “ќе” затоа што една друга влада викашe “ќе” оваа вика два пати повеќе од таа, до тогаш работниците ќе бидат незадоволни и ќе протестираат.
Дури и денеска на веќе потпишани колективни договори, вработените во образованието немаат примено плата голем од нив, дури и денеска вработените во културата примаат плата пониска од таа што е утврдена со Гранскиот или со Општиот колективен договор за за јавниот сектор, дури и денеска имате вработени во цели институции како што е Македонска пошта каде што 90% од вработените се на минимална плата, исто така и Македонски шуми и низа други институции. Огромен број на работници се засегнати , а работниците не можат да живеат од ветувања, фрижидерите не можат да ги полнат од ветувања, сметките не можат да ги платат со ветувања, а и јануарската сметка за електрична енергија затоа што сите бевме дома, во февруари ќе дојде за наплата веројатно на сите ќе им биде колку половина од минималната плата и затоа политичарите и газдите можеа да седнат до 31.12.2025 година да кажат дека се договорија за зголемување на минималната плата меѓутоа се потсмеваа на работничката мака.
Дали дефинитивно ќе бидеме последни во регионот со оглед на тоа многу земји од почеток на годинава најавија зголемување, со ваква Влада и со вакви работодавачи го пробивме и дното а на што ние им укажувавме цела 2025 година, а нив не им се веруваше дека ќе се случи на 1ви јануари. На 1ви јануари секаде во регионот се зголеми не само минималната плата туку и сите останати плати. На 50 километри од Скопје работниците можат од Македонија да изберат да работат за повисока минимална плата, на 50 километри од Гевгелија, исто така од Охрид исто така и од Делчево. Тоа што работодавачите и избраните и именуваните не го сфаќаат е дека минатата година легално од Македонија заминале 11.500 работници на работа во Хрватска, а тројно или четири пати повеќе заминале да работат на црно само во едно држава. Тие сакаат да ги заменат домашните работници со странци и затоа квотата е зголемена на 10,000 меѓутоа и на претходната Влада и укажувавме исто и на оваа. Владата се претвори во голема туристичка агенција за странски мигрантски работници, дури и Претседателот на Стопанската комора кажа дека не им се потребни туку дека домашните работници треба да ги пополнат работните места и на таков начин да ги избркаат и оние малку квалификувани работници кои останаа во Македонија.
Не знаеме чија е целта и чија е намерата да ги брка македонските работници од Македонија, но не да ги брка само работниците да брка цели семејства да заминуваат во странство да работат и да градат некои туѓи економии.
Ако смета некој дека 397 евра минимална плата која ќе ја усогласат согласно постоечката законска регулатива за 25 евра или 1500 денари во месец март не во месец јануари е доволно да ги извадите луѓето од сиромаштија да им помогнете на работничките семејства може да си овозможат малку подостоинствен живот им го газите достоинството.
Мислам дека Владата и работодавачите денеска имаат можност да вратат ронка работничко достоинство , да вратат ронка надеж во работничките очи и доколку не го направат тоа се разбира дека револтотот ќе биде насочен кон нив, а работниците не се виновни за се што ќе се случува во наредниот период, не се виновни ниту за следните протести ниту за следните штрајкови и блокади. Виновни се само од Владата и од работодавачите кои се однесуваа како деспоти кон работниците.