ИКОМ Меѓународен совет на музеите е организација формирана во 1946 година со цел да се создаде мрежа на музеи и на музејски професионалци од земјите од целиот свет, кои се грижат за културното и за природното наследство. Во таа мрежа се вклучи и Република Македонија со формирањето на Македонскиот национален комитет на 12 мај 1993 година и тој е верификуван од Извршниот совет на ИКОМ во Париз. Од т
огаш до денес, националниот комитет израсна во професионално здружение. Во овој миг, кога го одбележуваме јубилејот 20 години, сакаме да ги потенцираме досегашните залагања и настојуваме да укажеме на понатамошните насоки.
Соочен со проблеми од недостаток на ресурси на почетокот, за Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите – МНК-ИКОМ можеме да констатираме дека во период од 20 години постоење, од првичната иницијатива, израсна во динамично здружение што создава професионални стандарди кои придонесуваат во создавањето квалитетна музејска дејност. Тоа е видливо во сите сегменти од неговите постигнати резултати, значајни на истражувачки и на издавачки план, од соработката на регионално ниво со другите национални комитети, учеството на конференции во одделни меѓународни комитети, соработките, советувањата, семинарите, средбите, јавните расправи, организираните форуми, средбите и состаноците, издавањето билтен и списание.
Во основа, патот од 20 години, кој и денес го следиме користејќи современи информациско-комуникациски технологи, нови знаења и вештини е ист и се темели врз нашиот императив да бидеме во чекор со постојаната прогресија на музејската дејност. Да создадеме авангарден простор во кој ќе се продуцираат нови идеи и позитивни резултати. МНК-ИКОМ и натаму е доследен на својот позитивен пристап кон работите и со таков ентузијазам ги најавуваме. Имајќи ги предвид современите теории и практики за идните достигнувања и тежнеења, го насочуваме МНК- ИКОМ во изборот на ефикасни стратегиски решенија: дисциплинирано спроведување на сите стандарди на професијата, развој на иницијативи и учество во креирање различни проекти, пишување и објавување стручни трудови, способност на насочување на личните амбиции кон општите стратегии и интереси, тимска работа, негување партнерски однос со поединци и со институции. Идните важни задачи ќе може да се организираат и успешно да се реализираат, во еден дел, благодарение и на фактот дека околу МНК-ИКОМ се придружуваат значителен број млади и посветени музејски работници.
Посакуваме и во годините што се пред нас да продолжи она што претходниците го направиле и се залагале за него.