15/04/2026
🌍📰 Американскиот медиум CNN Travel ја вбројува Македонија меѓу потценетите европски туристички дестинации, оценувајќи дека земјата неправедно останува во сенка на најпознатите туристички центри. Во најновиот туристички билтен, Македонија е опишана како „драматично планинска дестинација“, со пејзажи кои комбинираат зелени долини, високи снежни врвови, сончева клима и богата гастрономија длабоко поврзана со традицијата.
Според CNN, иако најголем дел од туристите во Европа се насочуваат кон Франција, Шпанија и Италија, континентот нуди дури 44 држави признати од ОН, кои остануваат помалку истражени. Меѓу нив, Македонија се издвојува како дестинација што нуди слично европско искуство, но без гужви, долги редици и високи цени.
Во текстот се нагласува дека природните услови придонесуваат за квалитетот на локалните производи – сончевата клима овозможува зеленчукот да биде сочен и богат, а вината од домашните лозја да имаат силен и препознатлив вкус. Оваа комбинација на природа и традиција ја прави земјата привлечна за туристи кои бараат автентични искуства.
Особено се истакнуваат Охридско Езеро и црквата Свети Јован Канео како едни од највпечатливите симболи на земјата. Покрај нив, се издвојуваат и Стара скопска чаршија, Кањон Матка, како и бројни манастири и вински региони што нудат разновидно туристичко искуство.
CNN посветува посебен простор и на богатото културно наследство покрај руралните патишта низ земјата, каде се среќаваат византиски манастири стари и над 1.000 години, со богата архитектура, дрвени резби и фрески. Меѓу нив се издвојува Бигорски манастир, кој е и важна точка за посетителите на Националниот парк Маврово.
Возењето низ овие предели, особено покрај реката Радика, според CNN, нуди пејзажи кои можат да ги засрамат и најпознатите разгледници од Нова Англија.
На крај, Охридско Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО, се опишува како „бисер на круната“ на земјата. Опкружено со планини и со богата флора и фауна, езерото привлекува туристи од целиот Балкан – од љубители на екотуризам до посетители што бараат културни и историски искуства, како прошетки низ стариот град Охрид или уживање во езерскиот брег.