21/08/2026
ЕВЕ КАКОВ БАНАЛЕН ВАНДАЛИЗАМ НА ШАРА! ЧЕСТИТАМЕ!
УНИШТЕНА ЗИМСКАТА МАРКАЦИЈА ОД ПРОЕКТОТ „СЛАВКОВ“ НА ПАТЕКАТА ПОПОВА ШАПКА – ТИТОВ ВРВ
Повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови се уништени, оштетени или отстранети. Причинета е голема финансиска штета, но последиците би можеле да бидат многу посериозни.
Со големо разочарување ја информираме јавноста дека значителен дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, е уништен, оштетен или отстранет.
Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во Македонија“, финансиски поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара, а имплементиран и финансиски поддржан од компанијата Одржливи Авантуристички Патувања и Организацијата за одржлив развој САТ Скопје, во соработка со Планинарската федерација на Македонија (ФПСМ).
Зимската маркација беше поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои во исклучително тешки планински услови вложија значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата. Финансиската вредност на штетата се проценува на најмалку 8.000 евра (500.000 денари).
Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници.