05/11/2025
ВО АЛЕЈАТА НА ВЕЛИКАНИТЕ НА ГРОБИШТАТА БУТЕЛ ОТКРИЕНА СПОМЕН-БИСТА НА КОМАНДАНТОТ ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГОЧЕ
Вчера, 4 ноември 2025 г. Скопје, Македонија - во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје, се одржа комеморација со откривање на спомен-биста на Илија Димовски - Гоче, командант на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народно-ослободителната војска на Македонија.
Една благородна иницијатива на д-р Ицо Најдовски Перин, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - Скопје и Светскиот Македонски Конгрес, со донација на Македонците во Австралија и Канада се реализира со реконструкција на гробното место на легендарниот командант Илија Димовски Гоче. Од запустен и од речиси сите заборавен гроб, вечното почивалиште на Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта Бутел доби уредено гробно место со спомен-биста за вечен помен и спомен на еден прекален Македонец, борец од Втората светска војна.
Присутните со едноминутно молчење му оддадоа почит на легендарниот командант Илија Димовски - Гоче.
Со благослов на Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, отец Томо Велјанов свештеник во Скопската епархија на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија отслужи панихида, а присутните ги поздравија Ташко Јованов, претседател на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - Скопје и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес и генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН. За животот и делото на командатот Илија Димовски Гоче слово одржа д-р Ицо Најдовски Перин од Мелбурн, Австралија.
Спомен-бистата на Илија Димовски Гоче ја открија д-р Ицо Најдовски Перин, Ташко Јованов и авторот Петар Наневски.
До комеморацијата пристигна телеграма од внуката на Илија Димовски Гоче од Шведска, во која се вели: “Јас, Каролина Вучидолац и моите деца, сме многу горди на нашиот дедо и прадедо Илија Димовски - Гоче за сите големи работи што ги сторил за Македонија! Жалиме што не сме физички со вас, но со нашите срца сме таму, чувствувајќи го неговиот голем дух.” Каролина Вучидолац е внука на Илија и Василики Димовски од нивната ќерка Ники родена 1944 г. Илија и Василики Димовски во Скопје доаѓаат 1949 г. кога Ники имала 5 години. Василики, сопругата на Илија Димовски Гоче умира 1954 г. во Скопје кога Ники имала 10 години. Кога Илија Димовски умира во 1961 г. Ники имала 17 години. Во 1967 г. на 23 години Ники со ќерката Каролина се сели во Шведска. После подолго боледување, Ники умира во Шведска во 2009 г.
На гробот на Илија Димовски Гоче цвеќе положија делегации на: Агенцијата за иселеништво предводена од директорот Горан Ангелов; Институтот за национална историја предводена од проф.д-р Катерина Тодоровска; Македонската заедница од Австралија и Канада предводена од д-р Ицо Најдовски Перин; Македонската заедница од САД предводена од Гоце Панговски; делегација на Македонската православна општина “Свети Ѓорѓи” од Мелбурн, Австралија предводена од Дејан Змерјковски; Форумот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија предводена од преседателот Ташко Јованов; Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Светскиот Македонски Конгрес и Матицата на иселениците од Македонија, предводена од претседателот на СМК Тодор Петров; здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Загоричани”, “В’мбел” и “Свети Герман” предводена од претседателката Васка Дојчиновска; и политичката партија “Единствена Македонија“ предводена од претседателот проф.д-р Јанко Бачев.
Присутните иницираа барање до Град Скопје за реставрација на сите гробни места во алејата на великаните имајќи ја предвид негрижата и запуштеноста и резолуција до Собранието на Македонија за осуда на геноцидот врз Македонскиот народ од Балканските војни 1912-1913 година до денес.
На комеморацијата и откривањето на спомен-бистата присуствуваа повеќе Македонци од земјата и странство.
________________
ЖИВОТ И ДЕЛО НА ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГОЧЕ (1905-1961)
Илија Димовски Гоче е роден во 1905 г. во село Статица, Костурско. Тој е македонски национален деец од Егејскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците под Грција, учесник во Народно-ослободителната војна на Грција и Македонија.
Во работничкото и македонското национално-ослободително движење се вклучил во предвоениот период. Тој е учесник во ВМРО-Обединета поради што е прогонуван и интерниран. Во 1941 г. се отцепил од КПГ и формирал посебна македонска партиска организација со македонска национална платформа.
Од 28 февруари 1943 г. е командант на Партизанскиот одред “Вичо“. На 2 август 1944 г. станал комесар, а набргу и командант на Леринско-костурскиот македонски батлјон во составот на ЕЛАС.
На 12 октомври 1944 г. е поставен за командант на Леринско-Костурската македонска бригада. Поради опасност од расформирање доколку останат на територијата на Егејскиот дел од Македонија, македонските баталјони се повлекле од составот на ЕЛАС и од нив на 18 ноември 1944 г. во битолското село Драгош била формирана Првата македонска егејска ударна бригада на Народно ослободителната војска на Македонија. Оваа бригада е првата која продефилирала во ослободена Битола. При формирањето во нејзиниот состав влегле Првиот Костурски, Вториот Лерински, Третиот Воденски и Четвртиот баталјон на тешко оружје. Петтиот баталјон на бригадата бил приклучен подоцна и бил составен од Македонци од Бугарија. Со прилив на нови борци набрзо бил оформен и Шестиот баталјон. Илија Стефов Димовски - Гоче бил поставен за командант на бригадата.
На 3 јануари 1945 г. бригадата била прекомандувана во Гостивар и Тетово, каде учествувала во ликвидирањето на балистичките банди. Но, заради заштита на границата со Грција, во почетокот на март 1945 г. Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија. Меѓутоа, заради меѓународни импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба број 236 од 2 април 1945 г. на Главниот Штаб на Народно-ослободителната војска на Македонија, бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици.
Најголемиот дел од борците на Бригадата, подоцна се вратиле во Егејскиот дел на Македонија, каде биле создадени првите одреди на Народно-ослободителниот фронт, а потоа станале и борци во единиците на Демократската Армија на Грција. Во овие единици Македонците повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за слобода.
Во септември 1946 г. Илија Димовски Гоче командувал со македонските партизански единици на Народно-ослободителниот фронт на планината Вичо, а во почетокот на 1947 со баталјон на Демократската Армија на Грција.
Бил член на главниот одбор на Народно-ослободителниот фронт на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Носител е на партизанска споменица од 1941 година.
Починал на 26 јуни 1961 година во Скопје, а погребан е во алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје.
Иницијаторите ветија дека полагањето цвеќе на гробот на Илија Димовски Гоче ќе стане традиционално чествување на 4 ноември секоја година за што јавноста ќе биде редовно информирана. На 4 ноември 1944 г. единиците на командантот Илија Димовски Гоче први продефилирале во ослободена Битола.
________________
ТОДОР ПЕТРОВ: ФОРМИРАЊЕТО НА ПРВАТА МАКЕДОНСКА ЕГЕЈСКА УДАРНА БРИГАДА ВО МАКЕДОНИЈА, ЧИЈ КОМАНДАНТ БИЛ ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГОЧЕ, Е ЗНАЧАЕН НАСТАН ВО ПОНОВАТА МАКЕДОНСКА ИСТОРИЈА - НЕЈЗИНИТЕ БОРЦИ СЕ ПРЕСМЕТАА СО БАЛИСТИТЕ ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА
Почитувани браќа и сестри Македонци, почитувани дами и господа, денес сме сведоци на епилогот од една благородна иницијатива на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - Скопје и Светскиот Македонски Конгрес, со донација од Македонците во Австралија и Канада: Извршена е реконструкција на гробното место на легендарниот командант Илија Димовски Гоче. Од запустен и од речиси сите заборавен гроб, вечното почивалиште на Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта Бутел добива уредено гробно место со биста за вечен помен и спомен на еден прекален Македонец, борец од Втората светска војна.
Оваа негрижа кон гробното место на командантот Илија Димовски Гоче и не изненадува, имајќи ја предвид хистеријата во општеството подгревана од отуѓени центри околу долгозапоставуваното прашање за насилното прогонство и геноцидот врз Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни, двете светски војни и таканаречената Граѓанска војна во Грција. Доволно е да се потсетиме на скандалозните изјави на генералот Тодор Атанасовски кој во интервјуто за “Утрински весник“ од 25 јули 2017 г. ја обвини владата на ВМРО-ДПМНЕ за “егеизација” на државата, како и изјавите на Љубомир Фрчковски кој во претседателската кампања како кандидат на СДСМ за Претседател на Република Македонија на изборите одржани на 22 март 2009 г. коментираше дека Македонија не може повеќе да биде “заложник на трагедијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, односно на еден дел од нацијата“ за да не може да се затвори прашањето за името со владата во Атина! Крајно, марионетската влада на Зоран Заев со Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 г. се откажа од Македонците во Егејскиот дел на Македонија, а ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија и’ го отстапи на Владата во Атина. Меѓутоа, Егејот е душата на Македонија, насилното прогонство и геноцидот на Македонците и нивните деца од Егејскиот дел на Македонија е најцрната страница во историјата на Македонскиот народ во Втората светска војна и оваа вистина никогаш нема да се заборави!
Благодарност до иницијативниот одбор во состав Ицо Најдовски - Перин, Ташко Јованов, Тодор Петров, д-р Лефтер Манче, Ѓорѓи Пљуковски, Петар Наневски, Ристо Соколовски, Иво Ѓорѓиев, д-р Ташко Димовски, Тодорка Нешковска и Гоце Панговски, за се’ што сторија: Денес, со повод, пред Бога да бидеме заедно пред гробот на Илија Димовски Гоче. Благодарност за асистенцијата и до Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселениците од Македонија.
Благодарност и до Бутел АД Скопје - неговите директори и вработени за разбирањето и помошта околу реконструкцијата на гробното место на Илија Димовски - Гоче.
Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН заедно со другите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, веќе традиционално секоја година го одбележуваат денот на формирањето на Првата Македонска егејска бригада на 18 ноември 1944 г. во Битола, чиј командант бил токму Илија Димовски Гоче. И осумдесет и првата годишнина ќе биде одбележана годинава.
Нејзиното формирање е значаен настан во поновата историја на Македонија, затоа што нејзините борци се пресметаа со балистите во Западна Македонија - соработници на италијанските, бугарските и германските наци-фашистички окупатори на Македонија. Се разбира, ослободувањето на Македонија е дело на македонските партизани, АСНОМ 1944 е круна на Илинденското востание 1903. За жал, со таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 г. како продолжение на Втората Светска Војна, довчерашните сојузници Британците, влегоа во војна со партизаните од ЕЛАС повторно мобилизирани во ДАГ, ги вратија монархофашистите на власт во Елада, а тие пак жестоко се пресметаа со Македонците и го продолжија етничкото чистење во окупираниот Егејски дел од Македонија. Никогаш да не заборавиме, дека таканареченото егејско прашање не се само насилно прогонетите деца Македонци од 1948 година, туку и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година наваму.
Остануваме посветени на трајно решение на македонското прашање и на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција, како и на враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци и нивните потомци од Првата и Втората Балканска војна 1912-1913 г. Првата Светска Војна 1914-1918 г. , Втората Светска Војна 1939-1945 г. и таканаречената “Граѓанска Војна во Грција“ 1946-1949 г. Нека херојската борба на генерациите пред нас, на ајдутите, комитите и партизаните, ни биде патоказ како се сака татковината и како се гине за слободата на Македонија.
________________
ТАШКО ЈОВАНОВ: ЕГЕЈОТ Е ДУШАТА НА МАКЕДОНИЈА!
Почитувани браќа и сестри Македонци, Егејот е душата на Македонија. Егејска Македонија дала многу јунаци и борци за слободата и обединувањето на Македонија. Голготата со насилно прогонетите деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 г. е најцрната страница во историјата на Македонскиот народ во Втората светска војна.
Денес одбележуваме еден важен настан. Со помен за вечен спомен на големиот Македонец Илија Димовски Гоче, кој се бореше и за ослободувањето на Грција и за ослободувањето на Македонија во Втората светска војна.
Беше голем командант и во Народно-ослободителната војска на Грција и во Народно-ослободителната војска на Македонија.
Благодарност до Македонците во Австралија и Канада, кои ја донираа реконструкцијата на гробното место на командантот Илија Димовски Гоче во алејата на великаните на градските гробишта во Бутел.
Се’ додека се живи спомените за починатите, ќе ги паметиме и нивните дела за слободата и државноста на Македонија.
Нека Господ Бог го прости и му дари Царство Небесно. Вечна му слава и памјат. Амин
________________
Д-Р ИЦО НАЈДОВСКИ: ГОЧЕ И НЕГОВИТЕ СОБОРЦИ ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА СЕ ВГРАДИЈА ВО ТЕМЕЛИТЕ НА ДРЖАВНОСТА И НА ГРЦИЈА И НА МАКЕДОНИЈА
Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, почитувани дами и господа, убаво е кога се’ убаво завршува. По иницијатива на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, а со помош од Македонците во Австралија и Канада, денес ја откривме бистата на легендарниот македонски командант Илија Димовски Гоче.
Упатувам искрена благодарност за донациите за овој проект до Дејан Змејковски, претседател на првата Македонска православна општина за Мелбурн и Викторија “Свети Ѓорѓи“, Македонската општина во Перт, Македонската Православна општина за Сиднеј и Нов Јужен Велс и до поголем број Македонци кои се приклучија на оваа иницијатива.
Собрани сме, денес, да се потсетиме на животот и делото на Илија Димовски Гоче, затоа што, со неговите соборци, се вградија во темелите на државноста и на Грција и на Македонија и оставија длабоки траги за слободата и ослободувањето од бугарските, грчките, италијанските и германските наци-фашисти и албанските балисти во Втората светска војна и таканречената Граѓанска војна во Грција.
Илија Димовски - Гоче по Втората светска војна го зел името Гоце Делчев, бил еден од најистакнатите водачи на Македонското национално движење што произлезе од Егејскиот дел на Македонија. Тој беше вистински македонски патриот кој остана посветен на идеалите и стремежите на својот Македонски народ, кој долго време посакуваше слободна и независна Македонија. Неговото име е врежано во аналите на македонскиот народ и стана синоним за храброст во борбата за слобода на македонскиот народ.
Според висок грчки партизан кој присуствувал на состанок на Комунистичката партија на Грција во октомври 1944 година, Илија Димовски - Гоче ја дал следната изјава: „Мојата единствена цел во животот е да се борам за слободата на Егејска Македонија и да ја видам цела Македонија обединета и слободна. Ќе се борам против сите што ќе ми стојат на патот, вклучувајќи ја и Грчката комунистичка партија и самиот Сталин, ако треба“.
Илија бил сериозно посветен на Македонската кауза и вистински ги поддржувал идеалите на Гоче Делчев, кои ги научил од својот татко. Илија бил еден од првите Македонци што се бореле против фашистите, го избрал псевдонимот „Гоче“.
Илија Димовски - Гоче е роден во селото Статица, Костурско, во 1905 година. Потекнувал од револуционерно семејство. Неговиот татко Стево бил активно вклучен во претходните конфликти, вклучувајќи го и Илинденското востание од 1903 година. Нему му се припишува учеството во атентатот врз Павлос Мелас, добро познат озлогласен грчки вооружен разбојник. Мелас бил убиен во Статица, во родното село на Стево, на 14 октомври 1904 година.
Во 1913 г. за да избегаат од прогонството од Грците, Стево и неговото семејство ја напуштиле својата сакана Македонија и емигрирале во Америка, каде што останале до 1918 година.
Поради неговите активности во 1925 г. Стево бил обвинет за учество во бомбардирањето на хотелот „Диетнис“ во Лерин и бил затворен од грчката влада. Следната година, во 1926 г. младиот Илија бил обвинет за извршување дела против државата и тој бил затворен. Во 1928 г. кога бил во воена возраст, поради неговите прогресивни идеали и активности, бил регрутиран од Комунистичката партија на Грција. За жал, повторно поради неговите значајни политички активности, во 1932 г. бил обвинет според познатиот антидемократски закон како „Идионимос“ (комунист без да го нарекувам така) и бил затворен во концентрациониот логор на пустиот остров Ајстрати.
По ослободувањето од затвор, Илија се приклучил на ВМРО-Обединета и продолжил со своите политички активности.
Кон крајот на 1941 г. и почетокот на 1942 г. била воспоставена илегална курирска служба помеѓу Битолско и Лерин.
Илија Димовски - Гоче организирал и учествувал во разни состаноци со Кузман Јосифовски - Питу, Стив Наумов, Орде Чопела и други. За време на еден од овие состаноци, кој се одржал во селото Ошчима во летото 1944 г. претставниците на вардарската Македонска Организација прашале дали можат нивните партизански единици да останат во регионот Вичо-Грамос доколку е потребно, но предавникот Никос Пуптис, од регионалниот комитет на Комунистичката Партија на Грција за Костурско, рекол не, објаснувајќи дека „таквиот чин би ги изложил луѓето во регионот на одмазда од окупаторот“.
На 1 јули 1943 г. одредот „Даме Груев“ се одвоил од одредите „Вичо“ и „Гоце Делчев“ и ја преминал границата во Вардарска Преспа. Одредите „Вичо“ и „Гоце Делчев“, под команда на Илија Димовски - Гоче, со голем успех продолжиле со својата мисија за разоружување на контрачетниците. Без отпор, контрачетниците го предале оружјето и масовно им се придружиле на партизаните и на народноослободителното движење.
Околу 18 и 19 јули 1943 г. по дваесетдневна мисија во Леринско и Костурско, и одредот „Гоце Делчев“ преминал во Вардарска Македонија.
Општо познато е дека грчкото раководство на отпорот потпиша договор на 20 мај, 1944 г. во Либан за да формира коалициска влада со други цивилни партии од Грција, што беше непожелна вест за Македонското движење на отпорот, предизвикувајќи бунт.
Договорот беше гледан со сомнеж. Голем дел од неговата содржина беше навредлива и понижувачка за македонскиот народ. Договорот повикуваше на разоружување на Македонците, што (од страна на македонскиот народ) беше протолкувано како средство за уништување на Македонскиот Народноослободителен Фронт и неговото вооружено крило, Македонската ослободителна армија во Лерин и Костур.
Ситуацијата во Костурско стана уште поелектризирана од ставот на Андонис Андонопулос - Периклис, секретар на регионалниот комитет на Комунистичката партија на Грција, за време на партиски состанок во селото Дмбени, кога рече: „Македонците како малцинство ќе живеат во социјализам, во северна Грција“. Со други зборови, тој промовираше статус кво под социјалистички систем неприфатлив за Македонците. Еден Македонец присутен на тој состанок го предизвика секретарот и рече: „Ние Македонците ја сакаме нашата национална слобода и можеме да ја добиеме без кавга, сила или војна од Берлин...“
За да се спротивстави на репресивните мерки преземени од Комунистичката партија на Грција за задушување на Македонскиот отпор, Македонците, како симбол на протест, се одвоија од редовите на ЕЛАС и заминаа за Караорман каде што се приклучија на редовите на Народноослободителната војска во Вардарска Македонија.
Оваа Македонска недоверба кон Грчката комунистичка партија се манифестираше со значително намалување на вклучувањето на Македонци доброволци во редовите на ЕЛАС и грчките политички организации. А, многу Македонци кои веќе служеа - дезертираа. Илија Димовски - Гоче во тоа време беше на Грамос, суспендиран од должност и многу разочаран од она што се случуваше.
Во Грција, особено во Егејска Македонија, се формираше масовно движење во знак на протест против Либанскиот договор.
На 2 август 1944 г. Илија Димовски - Гоче, заедно со 30 македонски борци, пристигна во Поздивишча и ја презеде командата со батаљонот. Плашејќи се дека Македонското ослободително движење ќе ги развие своите способности, а можеби и ќе излезе од контрола, раководството на Грчката комунистичка партија одлучи да го спречи тоа со примена на ригорозни мерки.
На 2 август во селото Поздивишча се одржал состанок каде што, според дневниот ред, се одржале разговори меѓу претставникот на НОВ на Грција, Ренос Михалеас, и претставникот на Вардарска Македонија, Петре Богданов - Кочко. Меѓу многуте присутни и кои зборувале бил и Наум Пејов, претставникот на Караорман, врз кого претставникот на ЕЛАС извршил притисок јавно да признае дека погрешил кога ја дал својата поддршка за одвојување на Македонија од ЕЛАС.
Според документ на КПГ, еве што било кажано: „Ренос се обиде да ги убеди Кочко и Пејов, особено Пејов, да признаат дека направиле грешка, но Пејов одби и зборуваше против КПГ, потврдувајќи го својот став за потребата од самоуправа и обединување на македонскиот народ.“
На 12 октомври 1944 година Гоче е поставен за командант на Леринско-Костурската Македонска Бригада. Поради опасност од нејзино расформирање доколку останат на територијата на Егејскиот дел од Македонија, македонските баталјони се повлекле од составот на ЕЛАС, и од нив, на 18 ноември 1944 г. во битолското село Драгош, била формирана Првата Македонска Егејска Ударна Бригада на Народно Ослободителната Војска на Македонија. Оваа бригада прва продефилирала во ослободена Битола.
При формирањето на Првата Македонска Егејска Ударна Бригада, во нејзиниот состав влегле: Првиот Костурски, Вториот Лерински, Третиот Воденски и Четвртиот баталјон на тешко оружје. Петтиот баталјон на Бригадата бил приклучен подоцна и бил составен од Македонци од Бугарија. Со прилив на нови борци, набрзо бил оформен и Шестиот баталјон. За командант на Бригадата бил поставен Илија Димовски - Гоче.
На 3 јануари 1945 г. бригадата била прекомандувана во Струга, Кичево, Дебар, Гостивар и Тетово, каде учествувала во ликвидирањето на балистичките банди.
Но, заради заштита на границата со Грција, во почетокот на март 1945 г. Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија. Меѓутоа, поради меѓународни импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба број 236 од 2 април 1945 г. на Главниот Штаб на Народно-Ослободителната Војска на Македонија, бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици.
Најголемиот дел од борците на Бригадата, подоцна се вратиле во Егејскиот дел на Македонија, каде биле создадени првите одреди на Народно-)Ослободителниот Фронт, а потоа станале и борци во единиците на Демократската Армија на Грција - ДАГ. Во овие единици, Македонците повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за слобода.
Во септември 1946 г. Илија Димовски Гоче командувал со македонските партизански единици на Народно-Ослободителниот Фронт на планината Вичо, а во почетокот на 1947 со баталјон на Демократската армија на Грција. Бил член на главниот одбор на Народно-ослободителниот фронт на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Носител е на партизанска споменица од 1941 година.
Починал на 26 јуни 1961 г. во Скопје, а погребан е во алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје, каде што се наоѓаме сега.
Почитувани браќа и сестри во Господа, вечна им слава и памјат на командантот Илија Димовски - Гоче и на неговите соборци за слобода и државност на Македонија. Бог да ги прости сите упокоени Македонци во светот, насилно прогонети од Егејскиот дел и од другите делови на Македонија.
После Гоце Делчев и Ченто, Илија Димовски Гоче е на трето место според посветеноста за Македонија и македонскиот народ.
Господ да ја благослови Македонија и Македонците каде и да сме во светот. Амин!