Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) претставува еден од носителите кои тежнеат кон афирмација на информатичко општество во Република Македонија. Во ова Здружение членуваат ентузијасти-информатичари, професори од средните и основните училишта, како и професори и асистенти од факултетите на Универзитетите во Македонија.
Меѓу главните цели на ЗИМ се вбројуваат:
• воведување, популариз
ација и унапредување на информатиката и нејзината примена,
• поттикнување и воведување на информатиката во сите области од општеството, посебно во образованието,
• организирање, спроведување и учество на натпревари по информатика за ученици и студенти.
Во продолжение ќе наведеме некои од редовните активности на ЗИМ, во кои се вбројуваат организациите и изведувањата на семинари за перманентно образование за наставниците по информатика од средното и основното образование во Република Македонија и домашните и меѓународните натпревари по информатика. I. Вмрежување на наставниците по информатика, семинари, работилници
Од основањето на ЗИМ во 2000 година, редовно се одржуваат семинари и работилници за наставниците од средното и основното образование. Најчесто семинарите се одржуваат во деновите на одржување на годишните собранија на ЗИМ или на државните натпревари по информатика. Во последните две години сите членови на Здружението се поврзани преку засебен портал на ЗИМ кој им овозможува комуникација на различни теми. Порталот исто така овозможува креирање на различни он-лајн курсеви со поставување на материјали и задачи за доусовршување на професорите и за споделување на наставни материјали. II. Натпревари по информатика за учениците од средните училишта
Првите чекори на информатиката во средното образование во Македонија се направени во средината на 80-тите години. Неколку години подоцна, поточно во 1990 година, во Прилеп се одржа и првиот Државен натпревар по информатика за учениците од средните училишта. Три години подоцна, почнаа да се одржуваат и Регионални натпревари. Оваа година се одржаа XXIII Државен натпревар и XX Регионален натпревар.
Од 1997 година се организира и Македонска Олимпијада по информатика (МОИ). Оваа година ќе се одржи XVI МОИ.
Како претставници на Македонија, екипи на млади информатичари секоја година учествуваат на Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ), и на Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ).
Здружението на информатичарите на Македонија е главен организатор на натпреварите по информатика за учениците од средните училишта во Република Македонија. До денешниот датум, одржани се:
20 Регионални натпревари по информатика
23 Државни натпревари по информатика
15 Македонски Олимпијади по информатика
Секоја година македонската репрезентација, составена од водач, заменик водач и четворица ученици избрани од натпреварувачите што освоиле најголем број поени од домашните натпреварувања (електронски, регионален, државен, Македонска Олимпијада) учествуваат на Балканската Олимпијада по Информатика (БОИ) и Светската Олимпијада по Информатика (ИОИ). III. Натпревари по информатика за учениците од основните училишта
Здружението на информатичарите на Македонија пет години по ред е организатор на натпреварите по информатика за учениците од основните училишта во Република Македонија. Заклучно со 2011 година, одржани се пет Државни натпревари по информатика, додека оваа година во мај се спроведува шестиот натпревар.
Секоја година македонската репрезентација, составена од водач, заменик водач и четворица ученици избрани од натпреварувачите што најдобро се пласирале во делот за алгоритамски вештини учествуваат на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика. IV. Други тековни активности
Во текот на изминатата година, Здружението на информатичари на Македонија под раководство на претседателот м-р Миле Јованов, и останатите членови на извршниот одбор Д-р Марија Михова, Д-р Невена Ацковска, Емил Станков, Маја Ржарова, Зоран Петровски, Драган Симоновски, Методи Мицев, според предложениот план за 2011 година, беа спроведувани следните активности и заложби на ЗИМ :
• организација и спроведување на натпреварите по информатика за учениците од средното образование (електронски, регионален и Државен натпревар и Македонска Олимпијада по информатика);
• организација и спроведување на Државниот натпревар по информатика за учениците од основното образование;
• учество на 19-тата Балканска Олимпијада по Информатика и 5-тата Јуниорска Балканска Олимпијада по Информатика;
• учество на 23-тата Светска Олимпијада по Информатика во Тајланд;
• решавање на проблемите и тешкотиите со кои се соочуваат наставниците по информатика во својата работна средина.
• изработка на план за популаризација на ЗИМ и зголемување на членството;
• иницијатива за формирање на комисија за заштита на професијата „Професор по информатика“
И во однос долгорочните цели на ЗИМ:
• Изготвување на стратегија за воведување на информатиката во сите нивоа на образование;
• Реструктуирање на ЗИМ со вклучување на сите македонски информатичари;
активно се работи и во брзо време се очекува документ кој ќе даде детални насоки за изучувањето на информатиката во основното и средното образование.