10/06/2026
На 09.06.2026г се одржа конференцијата „Жените, трудот и социјалната правда“, посветена на унапредувањето на правата на жените работнички и нивната улога во синдикалното организирање. Конференцијата беше организирана од Секцијата на жени при Сојузот на синдикатите на Македонија, во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје. Настанот го отворија претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, претседателката на Секцијата на жени на ССМ, Ивана Димитрова, и програмскиот менаџер на Фондацијата Фридрих Еберт, Ваљон Садики, кои ја истакнаа важноста од континуирана борба за достоинствени услови за работа, еднакви можности и поголемо учество на жените во процесите на носење одлуки.
👩💼 Во рамки на првиот панел, на тема „Улогата на жените во синдикалното движење на Република Македонија“, своите искуства и ставови ги споделија претседателката на Синдикатот на културата на Република Македонија, Вера Атанасовска, претседателката на Синдикатот за слободно дејствување на Македонија, Слаѓана Миливојевиќ, членката на Секцијата на жени на ССМ и на Синдикатот на поштенски и телекомуникациски работници на Македонија, Анита Кесковска Јанополис, претседателката на Секцијата на жени на Македонскиот полициски синдикат, Афродита Денковска, како и Љупка Апостоловска, членка на Секцијата на жени и Секцијата на млади на ССМ.
🌷 Панелистките испратија силни пораки за потребата жените да бидат активно вклучени во синдикалните процеси и во структурите каде што се носат одлуките. Тие говореа за предизвиците со кои жените сè уште се соочуваат на работното место – родовиот јаз во платите, ограничените можности за напредување, мобингот и потребата од воспоставување рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот.
📢 Беше нагласено дека синдикатите треба да останат независни, гласни и доследни во заштитата на работничките права, додека жените, преку својата посветеност, знаење и истрајност, претставуваат важен двигател на работничката солидарност и општествениот напредок.
🌸 Учесниците се согласија дека активното учество на жените во синдикалното движење е од суштинско значење за градење поправедно и поинклузивно општество, во кое секој труд ќе биде вреднуван, а секој глас слушнат.