02/10/2026
Во врска со јавно изнесените наводи од колега Дарко Василевски за наводна дискриминација при последниот конкурс,
Асоцијацијата на специјализанти веднаш по објавувањето на случајот се обрати до Деканатот на Медицинскиот факултет, со цел да добие релевантни информации за постапката за селекција и вработување.
Од страна на Деканатот на факултетот ни беше дадено образложение за текот на постапката, конкурсните критериуми и начинот на рангирање на кандидатите.
Сметаме дека е важно јавноста да биде информирана за следното:
1.Колегата Дарко Василевски бил во работен однос во ПЗУ „Медикус Хелп“ скоро 10 години
Неговата приватна специјализација по спортска медицина била финансирана од страна на тогашниот работодавач, ПЗУ „Медикус Хелп“. По престанокот на работниот однос во приватната установа престанало и финансирањето на приватната специјализација.
2.Поради пролонгирање, односно незавршување на специјализацијата во рокот предвиден со Правилникот за специјализации, специјализацијата во септември 2026 година му била прекината согласно важечките прописи.
3.Согласно критериумите и бодирањето на последниот конкурс, избраните кандидати биле подобро рангирани.
Нивниот просечен успех изнесувал 9,29 и 9,21, додека просечниот успех на неизбраниот колега изнесувал 8,20.
4.Неговата возраст од 46 години не претставува критериум за вреднување ниту основ за рангирање согласно конкурсот.
Поради тоа, наметнувањето на возраста како причина за неизбор не е поткрепено со конкурсните критериуми и создава нецелосна слика за постапката пред јавноста и не е во ничв интерес.
Со оглед дека успехот од образованието на избраните кандидати е поголем од тој на колегата Василевски, можеме да констатираме дека овој конкурс претставува пример на постапка во која се избрани подобро рангирани кандидати врз основа на однапред утврдени, мерливи и проверливи критериуми.
Според достапното образложение, изборот не бил резултат на дискрециона одлука, туку на примената на конкурсните критериуми и постигнатите резултати на кандидатите.
Асоцијацијата на специјализанти се залага за транспарентни, законити, проверливи и еднакви постапки за сите кандидати при избор, вработување и специјализација. Секој кандидат има право да бара институционална и правна заштита, но јавните тврдења треба да се темелат на целосни, точни и проверливи информации.
Во периодот што следува се очекува нов процес за приближно 300 вработувања на специјализанти. Го охрабруваме колегата да се пријави на идниот конкурс и да ги искористи достапните можности, а воедно силно го поддржуваме во неговите настојувања, преку соодветни институционални механизми, да ја заврши започнатата специјализација.
Имајќи го предвид здравствениот ризик од штрајк со глад, апелираме колегата да не го доведува во опасност сопственото здравје и сите евентуални несогласувања да продолжат да се решаваат преку институционален дијалог и законски предвидените постапки