01/06/2026
Прирачник за астро-катастрофа 😃
Секоја моја претходна објава од транзит на Меѓународната вселенска станица (МВС) пред дискот на Сонцето или Месечината беше приказна за успех. Остри кадри, брутални детали, совршени сончеви дамки, вистинско масло на платно! Е, денешнава објава е тотална спротивност. Ова е жив споменикот на сè она што НЕ ТРЕБА да се случи кога фотографирате ваков настан.
Туку, ајде да почнеме од почеток.
Пред две недели, правејќи рутинска проверка, налетав на датум со буквално идеални параметри. Недела, 31.05.2026, точно во 12:19:47 часот. Сонцето во зенит, МВС со максимална можна големина, идеален космички рандеву!
Во саботата, Радан и јас тргнавме во извидница да ја најдеме совршената стратешка точка. Најважно од сè беше да се позиционираме точно во центарот на траекторијата за станицата да прелета право по средината на Сонцето. Математиката нè однесе под главната трафостаница во Пинтија. Бидејќи стоење покрај прометна улица со скапа опрема под шума од жици и кабли не беше баш „фотогенична“ опција, ја следевме патеката понатаму и решивме да се стационираме во близина на црквата Св. Еремија.
Во неделата од рано сабајле почнав со „контрола на летање“. Прво проверив дали НАСА во меѓувреме не ги запалила моторите на МВС за некоја ситна корекција на орбитата (што редовно ни ги мати сметките). Сè беше во ред. Потоа ги проверив сончевите дамки, па во Фотошоп ја преклопив патеката за да видам како теоретски би изгледал мојот иден ремек-дело кадар (Сл.1). Иако небото цело утро се лигавеше со облаци, ентузијазмот беше посилен од прогнозата.
Кај 10 часот падна договорот со Радан: носиме само еден главен телескоп со кој јас ќе пукам, а со вториот ќе правиме проекција на Сонцето на бел лист хартија за Радан да сними видео. Во 11:40 стигнуваме на локација како вистински професионалци. Ја местиме камерата за тајмлапс, го креваме троножецот, ја монтираме главата... и во тој свечен момент Радан мртво-ладно ми вика: „Ајде, донеси го сега телескопот“.
Одам до кола, отворам гепек и ме удира реалноста, ТЕЛЕСКОПОТ СМЕ ГО ЗАБОРАВИЛЕ ДОМА! (Сл.2)
Време за враќање нема, па паниката ја претворивме во чиста импровизација. Планот Б: јас ќе сликам со мојот телеобјектив. Проблем? Не носам филтер за Сонце за тој објектив, а немам ни статив (нели, паметниот тргна да слика низ телескоп на монтираната подлога). Си викам: „Сум сликал и порано од рака, што има врска“. На сето тоа, стаклениот филтер што го ископавме беше со таков „врвен“ квалитет, што сликата излезе како да е направена со мобилен телефон од 2012 година (Сл.3).
Драмата го достигнува врвот во 12:19 часот. Го наместивме импровизираниот систем за проекција, Моника стои до нас и како на лансирање на Кејп Канаверал ни одбројува секунди пред транзитот... и нормално, во таа секунда огромен облак го голта Сонцето! Како во лудило почнувам да го кревам ИСО-то до плафон за да извлечам каква-таква слика низ облаците... И погодете што? Точно три секунди ПОСЛЕ транзитот, Сонцето пак си се појави како ништо да не било!
Со малку среќа и тешка мака, успеав да извлечам низа фотографии од кои подоцна дома, со многу магија во обработката, склопив нешто што (ако зажмижите на едното око) наликува на транзит на МВС перед дискот на Сонцето (Сл.4).
Текст и фотографија : Боби Кузманоски