03/06/2026
🌈 Skopje Pride 2026
📍 20 јуни | 18:00 | Фонтана Лотос- Градски парк
💥 СИТЕ НЕКА ЗНААТ
✊Оваа година укажуваме на отсуството на ЛГБТИК+ лицата од пошироките политики и јавниот живот, симболично марширајќи под слоганот – „Сите нека знаат“. Со овој слоган сакаме да ѝ се спротивставиме на тишината што ни се сервира како услов за безбедност и лажно прифаќање, на штамата на институциите и политичарите кои не ја препознаваат потребата од унапредување на нашите права и замолчувањето што го добиваме како одговор на нашите барања и протести.
🌈Затоа сите нека знаат дека постоиме, тука сме и одбиваме да го интернализираме наметнатиот страв и срам затворајќи се во четири ѕида.
🏳️⚧️„Сите нека знаат“ е реакција против вековното, системско бришење и истиснување на ЛГБТИК+ животите од колективната историја, меморија, култура и јавен простор. На обидите нашето постоење да се релативизира, патологизира или претстави како нешто измислено и „увезено“ – гласно им велиме: тука сме, насекаде околу вас.
🫂Ние сме дел од вашето потесно и пошироко семејство и од вашиот круг на пријатели. Ние сме ваши колеги, клиенти, соработници, соседи и познаници. Тука сме, меѓу оние со кои се разминувате на улица или разменувате по некој збор на каса или на шалтер. Ние сме ваши доктори, наставници, угостители, инфлуенсери, продавачи, возачи, забавувачи, доставувачи…
🩹Додека некои од нас ја имаат таа среќа или несреќа да живеат отворено и јавно, многу почесто живееме премолчено и тајно со стравот од она што може да се случи ако „сите нѐ дознаат“ – дома, на улилиште, на работа, на улица. Слоганот ја носи и тежината на видливоста која, од една страна, може да изгледа како привилегија што не секому е достапна, а истовремено за многу ЛГБТИК+ луѓе истата е товар што поскоро би го избегнале да не ги „издаваа“ телата, гласовите, движењата и изгледот.Во свет каде различноста и автентичноста се доживуваат како закана и провокација, повикот „сите нека знаат“ може да звучи ризично и непресметано.
🏳️🌈Скопје Прајд е ден на солидарност, меѓусебна почит и грижа, па ги повикуваме сите присутни да придонесат кон таквата атмосфера. Особено им посакуваме добредојде на оние што за првпат ќе дојдат на Парадата – знаеме дека понекогаш е потребна огромна храброст само за да излезете и да ни се придружите.
🌇Се гледаме на улиците на Скопје на 20 јуни со почетна точка на собирање на Фонтана Лотус во 18:00 часот.
Дизајн: Стефан Танков