15/10/2025
💔 Во спомен на нашиот Панчо
Постојат луѓе чие заминување остава тишина што не може да се опише.
Таков човек беше Панчо – со големо срце, топла насмевка и душа полна љубов, хумор и човечност.
Тој го носеше Марко во срцето. На секој настап, со маичка со неговиот лик, испраќаше порака дека Марко е тука – со нас, во музиката, во пријателството, во добрината.
На последниот голем концерт, меѓу најголемите македонски ѕвезди, Панчо се погрижи и Марко да биде дел од сцената.
Благодарение на него и Андреј, Марко блесна како ангел на сцената. Со тој концерт не создадоа само музика – создадоа дело на љубов и хуманост.
Дел од средствата беа донирани во Фондацијата „Марко Божиновски“, поддржувајќи го проектот Сензорна соба за дечињата со аутизам – дело што останува како белег на добрина и човечност.
Панчо беше со нас од првиот ден – како наш пријател од детството, секогаш прв да помогне, да подаде рака, да каже:
„Јас сум тука, само кажи што треба.“
А често не требаше ништо – доволно беше да е тука.
Тој и ДНК беа дел од секој наш чекор – турнирите, акциите, поддршките.
Дури и една Златна Бубамара ја дадоа на аукција и ги донираа средствата во Фондацијата – идеја на Панчо, човек кој секогаш мислеше на другите.
Панчо беше повеќе од уметник.
Тој беше пријател, брат, поддршка и светлина.
Со својата добрина и искреност остави трага што нема да избледи.
Ти благодиме, драг наш Панчо.
Нека ти е светол патот во вечноста.
Чувај ни го Марко – а ние ќе ги чуваме Маја, Маки и Андреја.
🕊️
Со вечна благодарност,
Фондација „Марко Божиновски“