26/08/2026
„Зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги!
Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не се отстранувај од зборовите на устата моја.
Не ја оставај, – и таа ќе те пази, сакај ја, – и таа ќе те чува.
Главно е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност. Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш,ќе положи на главата твоја благодатен венец, со венец на сладост ќе те закрили. Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, – и ќе ти се умножат годините на животот. Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки. Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш. Држи се здраво за поуката, не ја оставај; пази ја, бидејќи таа е твојот живот. Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе;остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го;зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад; оти тие јадат леб од беззаконие и се опиваат со вино од грабеж.
Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе дури не настане ден.
А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат.
Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не остапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свои: зашто тие се живот за оние што ги наоѓаат, и здравје за целото тело нивно.Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот.
Отфрли ја од себеси лажливата уста, а лукавството на јазикот од себеси оддалечи го.Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени кон праведното.Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат прави.Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото,
зашто десните патишта Господ ги надгледува, а левите се расипани.
Он ќе ги направи твоите патишта прави, и твоето одење ќе го уреди во мир.”
Изреки 4