Извиднички одред “Мирко Милески“- Кичево е едно од повеќето Здруженија на граѓани кои работат со деца и млади во нашата држава.
ИО “Мирко Милески“ е воспитно, доброволно, неполотичко и самостојно здружение на граѓани за деца и млади, отворено за сите, без оглед на нивната верска, национална или расна припадност.
Во неговите редови нема само деца и младинци, туку тука членуваат и возрасни кои актив
но учествуваат во целокупната работа на Одредот.
Иако на територијата на Македонија извидниците работеле уште далечната 1922 година, Сојузот на извидниците е формиран 1953 година, а наредната година на иницијатива на СИМ и неколку студенти и ученици од гимназијата “Мирко Милески“ од Кичево е формиран и нашиот одред.
Низ овој одред минале многу деца и младинци, а членувањето и работата во одредот им беше една од големите школи, бидејќи голем е бројот на инженери, професори, лекари и други кои со голема гордост се сеќаваат дека некогаш во одредот биле активни, учествувајќи на смотрите, логорувањата и маршевите и дека доживеале многу убави моменти во својот живот преку работата и животот во ИО “Мирко Милески“.
ИО “Мирко Милески“ активно се вклучува во работата на СИМ и во овој период учествувал на повеќе логорувања, маршеви, извиднички натпревари и средби од локален, регионален и државен карактер. Исто така учествуваа на еколошки акции од локално ниво, како и светската еколошка акција “Да го исчистиме светот“ во организација на СИМ.
Одредот како воспитно образовна организација зема учество на повеќе школи за водачи на патроли и јата и на инструкторски школи во Република Македонија, а во 1997 година станува членка на Светската Скаутска Организација. Во овој период за истакнување е реализацијата на извидничките средби “Кнежино ’97“ , на која присуствуваа 160 извидници од Република Македонија како и претставници на екологистите и планинарите, акцијата Средби на НВО “ Китино Кале 98“, а по повод 55 години Слободно Кичево, со учество на повеќе извидници, екологисти и планинари од Република Македонија за своето работење ИО “Мирко Милески“ се здобива со Златна Плакета од ЕЛС- Општина Кичево.
Во текот на своето постоење и работење ИО “Мирко Милески“ континуирано се афирмираше со своето активно учество и соработка со многубројни здруженија на граѓани, остварувајќи ги своите програмски задачи не само на локално, регионално и државно туку и на меѓународно ниво, за што вредно е да се напомене соработката со извидниците во Лондон и учеството на Светското Џамбори во Лондон 2000-та, како и здобивањето на многубројните награди и признанија.