05/06/2025
КОЈ БЕШЕ ФЕЛИКС?
Феликс беше младо кученце, со едвај наполнета година живот — живот што никогаш не доби вистинска шанса да започне.
Роден на улица, Феликс се движеше низ индустриска зона со мали фирми, каде што се бореше да преживее од милоста на неколку добри луѓе кои му подаваа храна и миг добрина. Неговото постоење беше тивко и скромно, сè до 19 ноември 2024 година — денот кога човековата суровост му го нанесе последниот удар.
Неколку здруженија тогаш добија очајнички повик за помош — крвнички претепано куче лежи едвај живо и беспомошно, жртва на нечовечки чин од неколку лица. По најбрза интервенција од страна на прифатилиштето ЈП ЛАЈКА - Скопје, Феликс беше пренесен во приватна ветеринарна амбуланта, каде што ветеринарите со часови се бореа за неговиот живот.
Феликс ги добил најтешките удари во пределот на главата — со стап, со злоба, со немилосрдност. Беше во кома, со сериозни отоци и без свест. По стабилизацијата, беше пренесен во „Лајка“ каде што започна неговата борба — борба која траеше 52 денови, секој од нив полн со неизвесност, болка, но и со многу љубов.
Иако телото му беше кршливо, духот на Феликс никогаш не се скрши. Имаше денови кога со поглед полн со надеж ги поздравуваше оние што се грижеа за него и денови кога слабоста му ја гаснеше искрата во очите. Но секој миг поминат со него беше благослов — за нас.
Феликс не знаеше што значи омраза. Не залаја од страв, не покажа агресија. Напротив — секој што ќе му пријдеше добиваше добрина, тивка љубов и благодарност во погледот. Стана пријател со другите кучиња во прифатилиштето и миленик меѓу вработените. Имаше душа чиста и светла, каква што ретко се среќава кај луѓето.
На 52-иот ден срцето на Феликс престана да чука. Тивко, како што и живееше, си замина — но зад себе остави не само тага, туку и порака. Порака за тоа колку животот на секое суштество вреди, колку суровоста боли, и колку љубовта може да ги осветли дури и најтемните мигови.
Феликс можеби не ја доби шансата за среќен живот, но во тие 52 дена, тој беше сакан. И ќе остане запаметен — како симбол на невиното страдање, но и на неуништливата добрина што животните ја носат, дури и по најголемото предавство од страна на човекот.
Излези на ПРОТЕСТ на 15 јуни!
Зашто Феликс не беше само куче.
БЕШЕ ЖИВОТ!