03/04/2026
ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА ВО БИТОЛА ТОНЕ ВО НЕГРИЖА!
Локалниот огранок на Левица Битола со голема загриженост ја следи алармантната состојба во која се наоѓа НУ Центар за култура - Битола, објект кој наместо да биде средиште на културниот живот, станува симбол на институционалното пропаѓање.
Информациите кои пристигнуваат од терен за сериозни оштетувања на објектот наметнуваат итна потреба од транспарентност и одговорност пред битолската јавност.
Во оваа насока, јавно ги поставуваме прашањата:
Дали кровната конструкција во Центарот за култура Битола е воопшто безбедна за вработените и за посетителите?
Дали поради долгогодишните нерешени проблеми со кровот, при последните обилни врнежи, дождот стигна до големата сала на центарот, предизвикувајќи директна штета врз инвентарот и самиот простор?
Она што особено загрижува е фактот дека токму поради ваквите недозволиви пропусти веќе се откажани многубројни културни настани, со што директно се осиромашува културната понуда на градот.
Дали ова е конечниот резултат на континуираната негрижа на кадрите на ДПМНЕ за културните објекти во Битола, која се манифестира преку лошо менаџирање и целосно отсуство на визија за одржување на постојната инфраструктура?
На крајот, бараме одговор од надлежните институции:
Кој ќе сноси одговорност за загрозувањето на културното јадро на градот и за нанесената штета врз оваа значајна институција?
Културата во Битола не смее да биде жртва на системската неспособност и неодговорното управување на ДПМНЕ, чии приоритети очигледно се далеку од потребите на битолчани!