15/10/2025
🏆 Наградата „Панче Пешев“ за композиторката Ана Пандевска
Наградата ,,Панче Пешев“ која претставува највисоко професионално признание кое Сојузот на композитори на Македонија го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2024 година ѝ се доделува на Ана Пандевска за делото „Куклици“.
Композицијата „Куклици“ премиерно се изведе на 28 ноември минатата година, на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија и беше една од откупените композиции на конкурсот кој го објави оваа институција со цел да се поттикнат и мотивираат домашните автори да напишат нови симфониски дела кои својата праизведба ќе ја доживеат во јубилејната концертна сезона.
„Куклици“ е инспиративно музичко дело во кое Ана Пандевска прави интересен спој меѓу традицијата и современоста преку уникатно и автентично звучно обликување на легендата која ја следи приказната од преданието за настанокот на „Камените кукли“ во археолошкото наоѓалиште во Кратовско. „Куклици“ е современа композиција во која македонското наследство и традиција се реинтерпретираат преку употреба на модерен музички јазик и немузички елементи со кои Пандевска ја радикализира и интензивира динамиката и експресивноста на ова музичко дело. Композицијата има отворена форма и структура во која доминира минимализмот и полифоното напластување на звукот, а крајниот резултат е современо дело кое отвора нови хоризонти во домашното творештво со својот свеж и уникатен музички израз.
Ана Пандевска (Скопје, 1985) студира композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на Гоце Коларовски и Јана Андреевска, каде дипломира во 2010 година. Нејзиниот опус опфаќа дела за соло-инструменти, камерни состави, оркестар, музика за деца и електроакустични проекти. Пандевска е авторка која се движи низ различни стилови и жанрови, градејќи сопствен израз во кој естетската идеја секогаш има предност пред површниот ефект. Нејзината музика често носи полистилистички пристап – спој на фолклорни, џез и современи звучни изрази – како и чувствителност кон општествени и културни контексти.
Доделувањето на традиционалните награди на СОКОМ ќе се случи на Свеченото затворање на „Деноците на македонска музика“, пред концертот на Филхармонија, утревечер, 16 октомври со почеток во 20 часот.