31/05/2026
Неколку зборови пред утрешниот натпревар…
Без разлика на утрешниот резултат, за мене ова веќе е историска сезона и момент на кој сите можеме да бидеме горди. Она што следува во продолжение не е само приказна за еден натпревар, туку за три години работа, верба и заедништво.
Живеам во Швајцарија, но никогаш не престанав да размислувам за местото од кое потекнувам. Ново Село отсекогаш било дел од мене. Пред неколку години си поставив едно едноставно прашање: ако сите зборуваме за проблемите, за иселувањето, за недостатокот на можности и за тоа како младите си заминуваат, тогаш кој ќе направи нешто за да го промени тоа?
Не сакав само да седам на кауч и од далеку да гледам како исчезнуваат работите што некогаш го правеле нашиот крај посебен. Сакав да направам нешто конкретно. Така започна сè.
На почетокот тоа беше мала приватна иницијатива преку која го поддржувавме спортот во Ново Село. Немавме големи планови, само искрена желба да помогнеме таму каде што беше најпотребно – на децата, клубовите и локалната заедница. Со текот на времето проектот растеше, а заедно со него растеше и нашата визија. Затоа заедно со двајца пријатели во Швајцарија, Томе Наков и Дејан Боев, ја основавме Sport4Kids.ch. Денес Sport4Kids прерасна во меѓународна невладина организација преку која на многу попрофесионален и организиран начин го поддржуваме развојот на спортот во Ново Село и регионот. Нашата мисија остана иста како на почетокот – да им создадеме подобри услови и повеќе можности на децата преку спортот.
Она на што сум особено горд е што сето ова никогаш не беше проект за резултати. Од првиот ден беше проект за децата.
Денес имаме околу 150 деца во нашите програми. Речиси половина се девојчиња кои играат одбојка, а другата половина се деца кои тренираат фудбал. Гледаме насмевки, гледаме дисциплина, гледаме самодоверба и гледаме деца кои учат што значи тимска работа. За мене тоа е најголемата победа.
Секако, спортските резултати се прекрасни. Во одбојката по само една сезона веќе сме меѓу четирите најдобри екипи, а во фудбалот, кој би поверувал дека по само една година работа ќе дојдеме во ситуација да се бориме за првото место? Но искрено, ова не е приказна за една сезона и не е приказна за еден натпревар.
Ова е приказна за три години работа.
Три години во кои се косеше теренот кога никој друг не го правеше тоа. Три години во кои се бараа средства за дресови за целата академија. Три години во кои обезбедувавме професионална спортска опрема, десетици топки, тренери, тренинзи и подобри услови за работа. Три години во кои многу луѓе вложија срце, време и енергија без да бараат ништо за возврат.
Затоа утрешниот ден за мене е многу повеќе од натпревар. Тој е резултат на сè што беше направено во последните три години.
Овој проект има и длабоко лично значење за мене. Мојот чичко бил дел од луѓето кои учествувале во создавањето на клубот уште во 1955 година. Како дете растев слушајќи приказни за Огражден, за натпреварите, за полните трибини и за гордоста што клубот им ја носел на луѓето во Ново Село. По повеќе од половина век историја, чувствував дека имаме обврска повторно да го вратиме клубот таму каде што му е местото.
Најголемата победа за мене не е првото место на табелата.
Најголемата победа е тоа што фудбалот повторно се врати во Ново Село и во останатите села од регионот.
Кога одам низ регионот, ја гледам страста кај луѓето. Ги гледам децата како доаѓаат на тренинг. Ги гледам родителите, навивачите и волонтерите. Повторно се зборува за фудбал. Повторно има натпревари што значат нешто. Повторно има чувство на припадност и заедништво.
Искрено верувам дека токму тука лежи иднината на македонскиот фудбал.
Со години сите се прашуваме зошто немаме подобри играчи и подобри резултати. Но од каде ќе дојдат тие играчи ако децата го познаваат фудбалот само преку телевизија? Ако единственото што го гледаат се Лигата на шампионите и европските ѕвезди?
Талентите не се создаваат пред телевизор.
Талентите се создаваат на терен.
Се создаваат кога децата секоја недела играат натпревари на голем терен. Кога имаат клуб за кој навиваат. Кога имаат дрес што гордо го носат. Кога имаат сон дека еден ден и тие ќе играат за својот клуб или за Македонија.
Затоа верувам дека ваквите клубови, ваквите лиги и ваквите проекти се многу поважни од кој било поединечен резултат. Не се радувам само за ФК Огражден. Се радувам за целата лига и за сите села кои повторно го враќаат фудбалот таму каде што припаѓа – меѓу народот и младите.
Се надевам дека уште многу села ќе го следат овој пример. Се надевам дека ќе гледаме сè повеќе деца на терените, а сè помалку празни игралишта.
Мојата визија е Sport4Kids да продолжи да расте. Денес сме во Ново Село, утре можеби во други делови од Македонија, а потоа и во други земји. Ако можеме да покажеме дека и од едно мало место може да започне голема приказна, тогаш ќе покажеме дека промените се можни.
Во регион кој со години се соочува со иселување и губење на надежта, сакаме да покажеме дека со волја, визија и заедништво може да се создаде нешто што ќе остане за идните генерации.
Утре се надевам да не го видам само резултатот од оваа сезона.
Се надевам да го видам резултатот од три години работа, од стотици луѓе кои веруваа во истата идеја, од сите волонтери, тренери, родители, деца, донатори и поддржувачи кои помогнаа оваа приказна да стане реалност.
Затоа сум горд што сум претседател на Sport4Kids. Не поради функцијата, туку поради луѓето кои покажаа дека со доволно волја може да се постигне нешто што на почетокот изгледало невозможно.
Ако оваа приказна послужи како пример дека и во Струмичко, и во Ново Село, и во цела Македонија можат да се случуваат убави работи кога луѓето работат заедно, тогаш ќе знам дека вредеше.
Спортот обединува.
Со почит,
Бојан Боев
Претседател на Sport4Kids.ch
Unsere Programme fördern soziale Integration, Gemeinschaft, mentale Gesundheit und nachhaltige Zukunftsperspektiven für Kinder und Jugendliche durch Fussball, Volleyball und lokale Sportentwicklung.