19/07/2026
Ситуацијата во Гостивар нè потсетува дека во тешки моменти најважни се солидарноста, заедништвото и брзата институционална реакција. На сите граѓани кои се соочуваат со здравствени последици им посакувам побрзо закрепнување.
Во вакви кризни моменти, јасно порачуваме дека место за дневна политика и политички игри нема и не смее да има! Здравјето на луѓето е над сè. Затоа, од надлежните институции бараме итна, транспарентна и одговорна реакција. Граѓаните на Гостивар се еднакви граѓани на оваа држава и гласно бараме одговорност, справедливост и еднакво право на здравствена заштита!
Особено апелираме за итна поддршка и помош за медицинскиот кадар во Hospital "Dr.Ferid Murad" Gostivar/Општа болница „д-р Ферид Мурад“ и Здравствениот дом во Гостивар. Овие луѓе во моментов се максимално преоптоварени, работејќи под нехуман притисок на првата борбена линија за да го спасат здравјето на нашите сограѓани. Низ нивните раце поминува целиот товар од оваа состојба и недозволиво е тие да бидат оставени сами, без соодветна помош и логистика од државата!
Верувам дека македонскиот народ знае како да се солидаризира во вакви моменти. Не мора секогаш да бидеме физички присутни за да дадеме придонес. Денес постојат брзи можности да се донира вода или други неопходни средства преку локалните маркети и дистрибутери, кои можат директно да ја достават помошта таму каде што е најпотребна.
Исто така, во координација со Општинската организација на Црвениот крст – Гостивар, можеме прецизно да се информираме на кој начин нашата помош ќе биде најкорисна. Оваа организација веќе прифаќа хуманитарни донации и има воспоставено систем за нивна правична распределба до семејствата и поединците на кои им е најпотребна.
Секој придонес, без разлика дали е голем или мал, прави разлика. Да покажеме дека кога е најтешко, знаеме да бидеме обединети. Гостивар ја заслужува нашата силна поддршка, солидарност и праведност!