04/05/2026
Автономниот универзитет на Барселона, како координатор на проектот ФРИДА, беше домаќин на состанокот на партнерите во проектот и организатор на форумите и работилниците што се одржаа во музеите „Design Museum of Barcelona“ и „Fabra&Coats“.
Во текот на оваа инспиративна недела исполнета со учење и размена на мислења и искуства, ги разгледавме клучните концепти и пристапи, како што се интерсекционалноста, инклузивното истражување и истражувањето преку уметност, а и дополнително го продлабочивме заедничкото разбирање за сржта на проектот.
Проектот „Унапредување на правата и капацитетите за дејствување на девојчињата и жените со попреченост од културно маргинализирани групи - ФРИДА“ (англ. Fostering rights and agency with girls and women with disability from culturally minoritised groups – FRIDA) - проект од акциите „Марија Склодовска-Кири“ на програмата Хоризонт Европа 2021-2027 на Европската Унија - е важен затоа што им дава видливост и поддршка на девојчињата и жените со попреченост од културно маргинализирани заедници, кои често се меѓу општествено најисклучените лица.
Во следните четири години, ќе имаме можност подобро да ги разбереме нивните реални животни околности и да ги унапредиме политиките и практиките за нивната инклузија.
Повеќе информации и проектни материјали наскоро ќе бидат достапни на проектната веб-страница: www.fridaproject.eu