01/04/2026
Минатата недела, иницијативата „Збогум Буково“ одржа работен состанок со претставници на Општина Охрид, инспекциските служби, одделението за животна средина и комуналното претпријатие, посветен на проблемот со дивите депонии на територијата на општината.
Клучни заклучоци:
- Инспекциските служби работат континуирано на терен, но се соочуваат со сериозни опструкции од државни институции при спроведување на казнени мерки за правни и физички лица кои нелегално одлагаат отпад.
- Постапувањето на приватни имоти е дополнително отежнато, бидејќи е потребен судски налог, кој не секогаш е навремено достапен.
- Потребни се измени во законската регулатива или локални одлуки со цел да се забрза и поедностави процесот на санкционирање.
- Ќе се спроведе едукативна кампања, во соработка со граѓански организации, за информирање и едуцирање на населението за незаконското одлагање отпад, последиците врз комуналните услуги и штетата врз општинскиот буџет.
- Со поставување на камери на критични локации ќе се овозможи подобар надзор, а добиените материјали ќе се доставуваат до инспекциските служби за понатамошно постапување.
- Се истакна потребата од директно вклучување на полициските служби. Според достапните информации од јавен карактер, полицијата во текот на 2025 година нема поднесено ниту една пријава ниту изречено казна во оваа област.
- Итно е потребно забрзување на процесот за изградба на собирен центар, каде граѓаните ќе можат да одлагаат кабаст, зелен и опасен отпад, кои се едни од главните причинители за создавање диви депонии.
На територијата на Општина Охрид има околу 60 диви депонии кои треба да бидат системски мапирани и управувани со помош на дигитални алатки.
„Збогум Буково“ останува активно вклучена во решавањето на овој проблем и ќе продолжи да придонесува со сите расположливи ресурси.
Особена благодарност до граѓаните кои пријавуваат диви депонии – нивната поддршка е клучна.