Во Скопје и Мкедонија одбележани 67 години од Холокаустот на Македонските Евреи
Еврејската заедница во Република Македонија со низа активности денеска во Скопје одбележа 67 години од депортацијата на македонските Евреи од главниот град, Битола и Штип во нацистичкиот логор Треблинка, Полска.
Делегации од земјава и странство, амбасадорите на САД во Македонија Филип Рикер, евроамбасадорот Ерван
Фуере и нивни колеги положија цвеќе на споменикот на македонските Евреи пред Тутунскиот комбинат, по што ги посетија гробиштата во Бутел.
- На 11 март 1943 година комбинатот бил пренаменет во привремен логор за повеќе од 7.200 македонски Евреи со што ова место се вброи како место на трагедиите за колективно паметење. Нашите роднини, сограѓани, соседи и пријатели недолжни и на најсвиреп начин беа протерани и ликвидирани од раката на монструозните злосторници од времето на Втората светска војна, рече во своето обраќање претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, Бјанка Суботиќ.
Во спомен на 67-те години од депортацијата вечер во Драмскиот театар ќе се одржи комеморативна програма, на која пригодни обраќања ќе одржат претседателот на ЕЗРМ Бјанка Суботиќ и амбасадорот на Израел во Македонија Давид Коен. Ќе биде изведена и театарската претстава „Пруга за ледната пролет“ од Томислав Османли во режија и адаптација на Нела Витошевиќ.
Вчера, во рамки на програмските активности, делегации на Еврејската заедница ги посетија Битола и Штип каде положија цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОВ. Во Штип беа посетени и Еврејските гробишта, а во Битола детската градинка „Естреја Овадија - Мара“.
Во рамки на активностите за одбележување на 67-години од погромот на македонските Евреи, пред два дена во галеријата Даут-пашин амам беше промовирана книгата „Евреите од Монастир, Македонија“, дело на Шломо Албохер, иселеник од Битола во Израел.
Со цел за воспоставување рамка за соработка во области од заеднички интерес, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија завчера во Владата потпиша меморандуми за соработка со градот Скопје и со повеќе јавни институции од областа на културата и образованието. Меморандуми за соработка беа потпишани и со општините Штип и Битола.
По наредба на бугарската влада, ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени речиси сите Евреи, или 98 проценти од еврејската популација во Македонија. Тие биле одведени во Монополот, денес Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Откако им бил земен сиот имот, а накитот и парите конфискувани, биле натоварени во сточни вагони и транспортирани во логорот на смртта Треблинка, во окупирана Полска, каде што веднаш биле егзекутирани. Има теорија дека бил фрлен гас во вагоните, а според некои сведоци од СС-офицерите, тие биле истоварани и веднаш пренесени во гасни комори.
Треблинка не бил работен, туку логор за уништување Евреи. Според проценките, во Треблинка се убиени околу 900 илјади луѓе.