05/08/2026
СООПШТЕНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ
По повод реакцијата на Граѓанската партија на Грците во Србија и Грчкиот национален совет, на иницијативата на Македонскиот национален совет за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, сметаме дека е неопходно пред јавноста да ја појасниме суштината на оваа иницијатива, со цел да се отстранат погрешните толкувања и непотребните политички конструкции.
Иницијативата за подигнување на споменикот нема никаква политичка, територијална ниту меѓународна конотација. Таа претставува израз на желбата достоинствено да се одбележат осум децении од организираното доселување на Македонците во Војводина, како и нивниот придонес во развојот на Нови Сад, Војводина и Република Србија.
Називот „Мајка Македонија“ се однесува на симболот на потеклото, татковината, историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ. За Македонците ширум светот, без оглед на тоа во која држава денес живеат, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и културното наследство. Поистоветувањето на Македонците со овој симбол на никаков начин не значи оспорување на правото на кој било друг народ да се поистоветува со истото историско или културно наследство.
Напротив – споменикот уште од самиот почеток е замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол. Доколку и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во дел од историското и културното наследство што го симболизира овој споменик, во тоа не гледаме никаква пречка. Културните симболи не мора да ги разделуваат народите – тие можат и треба да бидат мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог.
Со жалење констатираме дека иницијативата, која е посветена на зачувувањето на идентитетот на една национална заедница во Србија, постои обид да биде претставена како политичка провокација или средство за водење меѓународни спорови. Македонскиот национален совет ниту покренувал, ниту ќе учествува во расправи што го надминуваат неговиот со закон утврден делокруг на работа.
Посебно сакаме да истакнеме дека Македонците во Република Србија, покрај тоа што со гордост го чуваат своето национално потекло, истовремено се и лојални граѓани на Република Србија, кои повеќе од осум децении претставуваат нераскинлив и активен дел од нејзиното општество. Во текот на сите тие години тие дале значаен придонес во стопанскиот, културниот, образовниот и општествениот развој на државата, почитувајќи го Уставот на Република Србија, нејзините закони и негувајќи пријателски односи со сите народи што живеат во неа.
Убедени сме дека негувањето на националниот идентитет на една заедница не може и не смее да биде сфатено како закана за идентитетот на која било друга заедница. Србија својата сила ја црпи токму од богатството на различностите, меѓусебното почитување и правото на сите национални малцинства слободно да ги негуваат својот јазик, култура, традиција и историско паметење.
Македонскиот национален совет останува отворен за дијалог со сите добронамерни соговорници и верува дека јавноста ќе препознае дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ е исклучиво чин на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет, одбележување на значаен јубилеј, како и траен симбол на македонската заедница во Република Србија.